Нафтената индустрија на Србија (НИС) денес објави дека поднела ново барање до Министерството за финансии на САД за посебна лиценца што би ѝ овозможила на компанијата да продолжи со работа по 20 февруари, кога истекува претходната лиценца.
Во вчерашното барање, НИС ја нагласи важноста на редовното работење на компанијата за српската економија, како и тековните преговори за промена на сопственичката структура, наведувајќи дека продолжувањето на лиценцата за работа би обезбедило и неопходен временски рок за заинтересираните страни да ги финализираат тие разговори.
Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, која воведе санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, претходно издаде лиценца за акционерите и заинтересираните страни за преговори за промени во сопственичката структура на NIS, со важност до 24 март 2026 година.
Рускиот „Газпром Нефт“, кој е мнозински сопственик на НИС, преговара за продажба на тој удел со унгарскиот „МОЛ“.