Никола Тренов: Уметникот не се раѓа, тој се создава

Младиот сликар зборува за патот од ренесансни репродукции до фигуративен експресионизам и за уметноста како процес на интелектуално и духовно градење

Никола Тренов е млад уметник кои не верува во фразата „уметник се раѓа“. За него, уметникот се гради – низ читање, гледање, сомнеж и постојана интелектуална работа. Од детските репродукции на ренесансните мајстори, преку академскиот реализам, до сопствениот израз во фигуративен експресионизам, неговиот пат е изграден од средина што љуби уметност, од дисциплина и од внатрешна потреба да се истражува човечкото битие.

Во неговите дела човекот не е само форма, туку прашање – егзистенцијално, духовно и понекогаш иронично поставено. Наместо да нуди одговори, тој го прикажува моментот: состојба што се доживува, а не се објаснува.

Во разговор за Трн, тој зборува за процесот на создавање, егзистенцијалните прашања што ги истражува преку човечката фигура и за вербата дека творечката енергија сама го наоѓа вистинското место на уметноста.

Трн: Од каде започна твојата приказна со уметноста и што те мотивираше да продолжиш посериозно да се занимаваш со неа?

Никола: Луѓето знаат често да ја употребат фразата „уметник се раѓа“, кога се фасцинирани од нечиј труд. Јас не се согласувам со тоа, бидејќи сметам дека уметникот се создава во текот на својот живот, не само при креативниот развој, туку и интелектуалниот. Да, можеби јас сум ја имал таа среќа природно да поседувам лесно совладување кон одредени вештини и забележување на работи, но тоа е само талент, кој не мора да значи ништо. Средината на гледање, читање и слушање е основниот и најважниот клуч до патот за изградба на уметникот.

Едноставно, јас бев едно талентирано дете, кое случајно се најде во семејство кое љуби уметност и купувало книги за неа. Се уште се сеќавам кога ги разлистував пожолтените страници на книгите со мирис на Југославија, и се восхитував на мајсторството на ренесансните мајстори. Тогаш за мене беше небитен јазикот, бидејќи не знаев да читам и пишувам, често посегнував да правам репродукции од делата на Да Винчи, Микеланџело и Ботичели. Од една детска „игра“, прерасна во
љубов, а потоа со поддршка од домашните стана професија, која и се уште е љубов.

Трн: Кои техники и материјали најчесто ги користиш и зошто токму тие ти одговараат?

Никола: Сликарските традиционални практики често ги употребувам. Зависник сум од сликање и држење четка во рака, па најчесто се изразувам во маслена или акрилна техника. Секоја техника си има своја убавина и свој недостаток, но генерално медиумот го бира самата идеја, односно таа ја диктира потребата за истиот.

    Трн: Како би го опишал твојот стил –дали свесно го градиш или се развиваше природно низ годините?

    Никола: Одговорот на ова прашање и јас го немам целосно одговорено пред себе. Кога говориме за стил потребен е троцифрен број на насликани платна за да истиот биде препознатлив и релевантен, но некогаш голема продукција не мора да значи ништо. Во средношколските и студентски денови бев опседнат со академски реализам, фаза низ која треба да помине секој уметник, но по дипломирањето започнав да градам една нова фаза на фигуративен експресионизам со примеси на примитивен цртеж. Никогаш не сум пробувал да насликам нешто доколку не ме привлекува, така што можам да кажам дека се си доаѓа природно, почувство, како што и треба.

      Трн: Кои се најчестите мотиви во твоите дела и дали зад нив стои лична приказна или поширока порака?

      Никола: Човечкото битие отсекогаш ми било најголем предизвик за истражување. Сметам дека нашето знаење за стварноста е ограничено, затоа што сè што знаеме го темелиме на науката и религијата. Науката често минува низ кризи и промени во своите објаснувања, бидејќи таа е резултат на човечкото искуство и заклучоци.Од друга страна, религијата нуди свои толкувања за настанокот на светот и човекот, кои науката ги оспорува. Судирот меѓу овие два погледи создава недоразбирања околу основните прашања за човечкото постоење.

      Токму затоа во моите дела често внесувам егзистенцијален карактер, а понекогаш и критичка иронија со која алудирам на овие дилеми. Во поновата фаза од моето творештво, поради чувството на недостаток и потребата што не може целосно да се задоволи со објаснување, сликам човечки фигури поврзани со природата. Тие изведуваат едноставни и спонтани активности, без да поставуваат суштински прашања. Наместо одговори, се прикажува моментот – состојба што едноставно се доживува и ништо повеќе.

        Трн: Што најмногу те инспирира–луѓе, емоции, природа, урбана средина, внатрешни состојби?

          Никола: Позитивната енергија дефинитивно. Јас сум човек што ја впивам енергијата околу мене, па мошне таа влијае на инспирацијата – но верувам дека кај мене повеќе е страст и зависност од креативна работа отколку инспирација.

          Трн: Како изгледа твојот креативен процес – од првична идеја до финално дело? Имаш ли ритуал кога создаваш?

            Никола: Кога ќе го поставам платното на штафелај, тоа значи дека веќе знам што сакам да насликам. Но, откога ќе ги ставам првите потези, веќе секој нареден слој, го промислувам добро и додека не си дадам јасна причина зошто го нанесувам, не го правам тоа – и се така додека не почувствувам и согледам дека е доволно, па го ставам потписот. Секако, уживањето во процесот пред да ја видите сликата потпишана, не се опишува.

            Трн: Каде се гледаш во следните неколку години како уметник –изложби, соработки, нови медиуми или експериментирање со различни правци?

              Никола: Немам некоја визија за себе си како се гледам или каде сакам да се видам. Единствено што можам да кажам сега е дека оставам на мојата творечка енергија и мотивација да ја однесат мојата уметност онаму каде што треба, бидејќи верувам дека само тие можат да го најдат нејзиното право место.

              е-Трн да боцка во твојот инбокс

              Последни колумни