Музичките фанови беа шокирани на 23 јули пред 12 години кога дознаа дека починала 27-годишната ѕвезда Ејми Вајнхаус, која за краток период успеа да се наметне како една од најпопуларните и најталентираните пејачки во светот.
Уште кога била дете Ејми имала желба да стане пејачка, раскажуваше нејзината мајка Џанис, а разводот на нејзините родители, сепак, освен кон музиката ја одведе и кон други, помрачни патишта. Таа започна да бега од часови, да консумира дрога, но и да пишува емотивни стихови за нејзиниот живот.
Својата прва гитара ја добила на 13 години, а започнала да компонира музика веќе следната година. Својот прв успех во музичката кариера го доживеа на 16 ходини, кога нејзиното поранешно момче, соул пејачот Тајлер Џејмс, испратил нејзина снимка, каде што таа настапувала со џез бенд на неговиот менаџер.
Тоа помогнало за Ејми да добие договор со Island/Universal, како и договор за објавување на нејзината музика со EMI. На 20 години, во 2003 година, Ејми Вајнхаус го објави нејзиниот прв албум „Frank“ кој беше одлично прифатен од публиката и критичарите. Песните на албумот беа проткаени со стихови кои сугерираа на нејзините зависности, како песната „Mr Magic“ која крие пораки за нејзиното користење дрога.
По успешниот деби албум, Ејми си го купила првиот стан во Лондон и започнала редовно да настапува во локалните пабови. Токму во овој период, Ејми се запознава со Блејк Филдер-Сивил, зависник кој стана хаотичен фокус на пејачката.
Нејзиниот прв менаџер, Ник Годвин во 2007 година изјави дека Ејми се променила целосно откако го запознала Блејк. Таа звучела сосема поинаку и нејзиниот карактер се сменил и станала позатворена и поодалечена од сите.
„Ми изгледаше дека тоа е поради користењето дрога. Кога ја запознав, пушеше трева и мислеше дека луѓето кои користат појаки дроги се глупави. Им се смееше“ раскажува Годвин.
Според познаниците на Ејми, Блејк ја вовел популарната пејачка во светот на тешките дроги, вклучувајќу го и хероинот. Нивната врска имаше подеми и падови, Блејк завршуваше во затвор, а и двајцата партнери имаа афери.
„Ако сте музичар и сакаш да избегаш од нешто, тогаш пишуваш музика“ раскажа Ејми во 2007 година. „Не сакаш да се смириш, бидејќи во моментот кога ќе се смириш толку е со тебе“.
Нејзината битка со зависноста и тешкиот љубовен живот, сепак, ѝ помогна да биде покреативна, инспирирајќи многу од текстовите од песните од албумот „Back in Black“. Песните како „Rehab“ и „You know I’m no good“ сугерираа на нејзините внатрешни борби, но и покрај тоа станаа вистински хитови.
Нејзиниот менаџер беше тој кој ја водеше Ејми Вајнхаус низ неколку процеси на рехабилитација и одвикнување од дроги, убедувајќи дека нејзиното пиење и земање дрога ќе го уништи нејзиниот талент и живот. Таа се согласи да оди на рехабилитација неколку пати, но безуспешно.
Во 2007, таа повторно беше заедно со Блејк и имаше серија на хаосни концерти. Поради тоа таа дури и ја откажа турнејата низ САД поради „истоштеност“.
Во октомври 2007 година, Ејми и Блејк беа уапсени во Норвешка за поседување марихуана, а во декември истата година беше фотографирана како се шета по фармерки и прслук низ нејзиното маало, изгледајќи загрижувачки слабо.
Веројатно врвот на нејзината кариера дојде во 2008 година кога освои пет Греми награди. За време на настанот при нејзините говори за примање на наградите, таа се заблагодари и на Блејк, кој во тие моменти беше во затвор поради тепачка од 2006 година.
Ејми не успеа да го повтори успехот на албумот „Back to Black“ и имаше серија од неколку години на лоши настапи. Нејзините фанови неколкупати ја исврикуваа од сцената кога се појавуваше премногу пијана за да пее и во следниот период Ејми откажа повеќе концерти отколку што одржа.
Во 2009, Ејми си замина од сред настап во Сент Луциа, откако не можеше да се сети на текст од нејзина песна и изјави дека ѝ било досадно. Таа тврдеше дека се откажала од земањето дрога во 2008 година и дека станала зависна од алкохол.
Во следните години имаше периоди кога Ејми беше трезна, но потоа следуваше хаосен период каде повторно запаѓаше во светот на зависностите. Нејзиниот развод со Блејк дојде во 2009 година, кога тој поднесе барање поради неверство од страна на Ејми.
Пејачката имаше најава за нов албум во 2010 година, но тој албум никогаш не пристигна. Освен една песна која ја сними со Тони Бенет, Ејми Вајнхаус не успеа да сними други песни.
Во пролетта 2011 година, таа се врати на рехабилитација, а во мај излезе со надеж дека ќе прави нова музика. За жал, нејзиниот последен концерт беше во Белград на почетокот на јуни. Нејзиниот настап траеше само 45 минути, таа ги забораваше текстовите на песните, имињата на членовите на нејзиниот бенд, па дури и градот во кој се наоѓа.
Во еден момент од нејзиниот настап, Ејми ги заборава зборовите за песната „Some Unholy War“, а нејзиниот бекап пејач Залон Томпсон ѝ дошепнува, по што таа станува емотивна, се прегрнува самата себе си и се обидува да ги задржи солзите, додека публиката започнува да ја исвиркува.
За време на целиот настап нејзиното пеење е насекаде, не ги погодува тоновите, дури ни моменти кога треба да почне да пее, а по 45 минути, таа ја напушта сцената и не се враќа веќе на неа.
Следните концерти и настапи беа откажани, а нејзиниот последен настап беше на концертот на нејзината кума Дион Бромфилд во Roundhouse во Камден, пеејќи ја верзијата на класичната R&B песна „Mama Said“, само три дена пред нејзината смрт.
Ејми беше пронајдена мртва во нејзиниот дом на 23 јули 2011 година. Според извештаите од аутопсијата таа починала од ненамерно труење со алкохол, откако било откриено дека нивото на алхкол во нејзината крв било 0,416 проценти или 4,16 промили.
Ејми Вајнхаус беше уникатен талент кој замина прерано, а нејзиниот бурен живот и трагична смрт го променија начинот на кој јавноста започна да гледа и да се однесува кон познатите, особено кон тие кои, очигледно, имаат проблеми. За жал за Ејми тоа дојде предоцна, но нејзиното наследство, како музичко, така и во лекциите за односот кон познатите, останаа.
Извор: Smooth Radio