Од првиот момент на сцената, харизмата на Кејв беше толку силна што ја освои публиката веднаш – без премногу воведи, без бариери, со чиста музика и зборови што сечеа право во душата.
Настапот беше интимен и моќен истовремено. Кејв не само што ги изведуваше песните, туку пред секоја од нив даваше краток опис, контекст или емоција, создавајќи чувство како публиката да е дел од неговиот личен дневник. Оваа наративна нишка, споена со неговата несекојдневна комуникација и доза неочекуван хумор, направи концертот да тече како заедничко патување низ темнината и светлината на човечкото постоење.

Иако настапот беше полн со меланхолија и тешки, длабоки теми, Кејв покажа и лице кое не секој го очекува – комично, нежно, понекогаш дури детски заиграно. На моменти се пошегува со скопската публика, велејќи дека натпреварот што во исто време се играше на стадионот спроти концертната локација можеби ќе ја однесе публиката таму, но сепак – „ние овде ја играме нашата најважна игра“. Со таа духовитост, ја разоружа публиката и ја направи дел од интимниот свет на неговата уметност.

Најемоционалниот момент на вечерта дојде со изведбата на „O Children“. Пред да ја започне, Кејв се обрати на публиката со зборови кои ја оставија без здив: „Оваа песна ја посветувам на сите деца. На нивната кревкост, на нивната чистота. Знам дека многу родители не можат секогаш да ги заштитат своите деца – тоа е болката на светот, и болката на секој родител. Но музиката е тука да ни помогне да ја издржиме таа вистина.“ Во тие минути, публиката молчеше – многумина со солзи, други со затворени очи, длабоко нурнати во моментот.
Природата исто така стана соучесник во оваа вечер. Ветрот што дуваше над Скопје не беше пречка, туку магија плус. Кога неговиот глас се мешаше со повевите што минуваа низ сцената и публиката, изгледаше како космосот сам да ја диригира вечерта. Тоа беа мигови кога се бришеше границата меѓу уметник и публика – сите беа едно, дел од некаква ритуална мистерија.

Ник Кејв на пијаното и Колин Гринвуд на басот успеаја да ги сведат песните на The Bad Seeds на нивната најчиста форма – сурова, искрена и директна. „Со Колин решивме да ја сведеме групата на… мене и него,“ рече Кејв во шега, „останатите не беа многу среќни. Но решивме да свириме само на места каде што сакаме да шетаме низ улиците, да ја пробаме храната и да одржиме еден концерт навечер. Работен одмор, би рекол.“

Скопската публика доби ретка можност да биде сведок на тоа како еден уметник се качува на духовни вертикали и се спушта во најмрачните темници на сопствената свест, без да изгуби контакт со луѓето пред себе. Тоа е моќ на избраните, а Ник Кејв е токму тоа – уметник кој ја носи таа тежина и ја претвора во нешто убаво, нешто што се споделува.
Скопје вчера не само што слушна концерт, туку доживеа катарза. А тоа не се случува често.