Цртеж: Валериј Качаев „24 сата“
Има еден интересен феномен што е присутен само на Балканот, а мислам најмногу во Македонија. Тоа е 33-43 годишниот маж, што се уште живее со мама и тато и има детска соба. И со оглед на цените на станови во Македонија, еве бев фина па ја намалив возрасната граница иако во светот веќе од 26-27 години е многу нормално за „синчето“ да се осамостои и да започне да живее само.
Од друга страна ги гледам жените и не можам да сум погорда на нас! Се повеќе и повеќе жени ја создаваат својата иднина и чекорат гордо кон својата независност. Тие имаат своја кариера, свој стан, автомобил, а некои и одлична заштеда. Иститете тие жени веројатно им се има здосадено да одат во детската соба на триесет и нешто годишен маж и можеби затоа повеќето се сами, што исто така ми е апсолутно разбирливо.
И пред да започнеме да судиме. Не. Тие жени не се материјалистки или „спонзоруши“ по сленг. Тие жени само сакаат да бидат со маж кој може да држи чекор со нив. Мислам зошто би сакала да бидам со маж кој е поголема „жена“ од мене? Зошто би сакала да бидам со некој кој на 30 и кусур години се уште смета дека е нормално и во ред мама да го пере, да му готви, да му чисти и да го чува дома?!
Некој од вас ќе речат дека животот е скап и навистина е, но исто така и покрај големата рецесија, економска криза и уште што ти не, многу луѓе успее да мрднат кон својата иднина. Многу луѓе направија жртви, напор и труд па си застанаа на свои нозе, додека 36 годишен маж ме убедува дека е скапо да се исели од дома! Прво, цените на становите се покачија во изминативе две години, не знам кој беше твојот изговор пред тоа. Второ, не се иселуваш од дома само кога ќе се жениш. Тоа важеше за жените, но повеќе не важи ниту за нив. Трето, не може гордо да ми кажуваш како не знаеш да уклучиш машина за перење, правосмукалка или да зготвиш нешто друго освен кајгана!
Кога ние жените станавме поголеми „мажи“ од мажите?!
Ќе ви кажам кога. Барајќи го мажот со кој сакаме да бидеме (една долга напорна потрага) ние полека се претворивме во него. Така сега, ти си таа која знае да си поправи нешто по дома. Ти си таа која има услови тој да дојде кај тебе (кај него не може да одите, мама и тато се во другата соба) и ти си таа која има безбедна работа и не бара пари од дома.

Цртеж: o3linebeauty.com.br
Секоја чест на исклучоците (иако навистина не знам каде се) не ни треба маж кој само ќе го земеме од рацете на мајка му и наместо таа, ние ќе се грижиме за него. Навистина не ни треба некој кој во години кога треба точно да знае што сака од животот (да покаже зрелост, одговорност), сеуште лута изгубено и мисли дека работите ќе паднат од небо. Не ни треба некој кој очекува дека ќе ги правиш сите работи кои една жена треба да ги прави, а кога ќе побараш тој да го исполни неговиот дел, ти вика „Феминизам. Нели се боревте за рамноправност!“
Да се разбереме една работа. Се боревме за рамноправност. Се боревме за право на глас. Се боревме да бидеме исто платени како и мажите. И сеуште се бориме. Но не се боревме за замена на улогите! Не се борев јас да бидам мажот во куќата. Тоа не е рамноправност. Рамноправност е кога заедно ќе создаваме иднина и заедно по договор ќе ги поделиме обврските.
Не може да се одрече фактот дека маж е маж, жена е жена. По законот на природата ние сме различни! Не е феминизам, борба да бидеме исти, туку еднакви. Има разлика. Како жена јас се уште сум физички многу послаба од тебе и природно ја немам истата сила, иако ако ме фати инат ќе ја отворам теглата и ќе качам куфер од 39 килограми на 3ти кат. Како маж, ти не можеш да раѓаш, жената може. Значи не сме исти и не бараме да бидеме. Бараме да бидеме рамноправни. Има разлика!
Исто така бараме да покажете одговорност, посветеност, амбиција, решителност и план. Еднаш слушнав како порано паровите започнувале од нула и заедно создавале се. Точно и мислам дека тоа е преубаво. Но тоа „порано“ било кога и мажот и жената биле по 23-25 години и штотуку влезени во светот на возрасните.
Не може за 30 и кусур години маж или жена да важи истото. Ако јас на 33 години сум успеала да имам свој стан, работа, кариера, сигурност, веројатно очекувам да се најдеме некаде на средина и да продолжиме заедно да градиме. Ако ти како маж не си создал ништо зад себе во изминатите 15 години, што ми кажува тоа за тебе? Зошто би одбрала да ја ризикувам својата иднина, својот прогрес? За да не останам сама?
Понекогаш е подобро сама отколку со синчето на мама. Истите тие што ќе речат „И ќе си останете сами“ апсолутно ви посакуваме да си ја најдете својата среќа. Се надевам дека нема да е премногу проблем кога сопругата ќе ви е трудна и ќе треба на тротинетот да ја однесете до болница или кога ливчето во кладилница нема да излезе добитно па ќе треба да се позајмите за да се платат сметките и да се истераат кафаните со другарите. Исто така се надевам дека имате доволно чиста долна облека и нема да ви здосади неколку дена да јадете само кајгана кога мама или сопругата нема да се дома.