„Ние за умор не знаеме“ – Црвен тепих за студентите кои пристигнаа во Крагуевац по повеќе од 100 километри пешачење

По повеќе од сто километри пешачење, болни плускавци, грчеви, солзи, но и многу смеа, песна и поддршка, студентите кои пред четири дена тргнаа од различни делови на Србија пристигнаа во Крагуевац.

Во „срцето на Шумадија“ ги пречекаа нивни колеги и бројни граѓани на Крагуевац, постилајќи им црвен тепих во центарот на градот, каде што денес, на 15 февруари ќе се одржи големиот протестен собир „Сретни ме на Сретение“.

Студентите пристигнаа во повеќе групи и од различни правци – од Ниш, Белград, Нови Сад, Краљево, Ужице, Чачак и Нови Пазар. Некои дотрчаа, некои дојдоа пеш, а некои дури и со велосипеди. Домаќините ги пречекаа со цвеќе и медали, во знак на поддршка и почит за нивната храброст.


„Овој пречек е неверојатен, како да е од некое друго време“, изјави за BBC новинарот Никола Добрисављевиќ, кој пристигна со групата од Чачак.

Ова повеќедневно протестно пешачење е досега најрадикалната акција на студентите од цела Србија, со цел да ја притиснат власта да ги исполни нивните барања. Најважното барање е конечно да се утврди вистината за трагедијата во Нови Сад, кога на 1 ноември се урна настрешница, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Студентите порачаа дека нема да запрат додека не добијат одговори и правда!

Протестниот собир „Сретни ме на Сретение“ е закажан за 15 февруари во Крагуевац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни