Невремето во Грција ја зема првата жртва

Обилни дождови, силен ветер и поплави погодија повеќе региони во Грција, каде едно лице загина, а регистрирани се и сериозни проблеми во патниот, авионскиот и поморскиот сообраќај.

Едно лице загина во невремето што зафати повеќе делови од Грција, проследено со обилни дождови, грмежи и силен ветер, а властите пријавуваат и материјални штети, поплави и прекини во сообраќајот.

Противпожарните служби рано утринава извлекле безживотно тело на маж во реонот на Неа Макри, во источниот дел на Атика. Според грчките медиуми, станува збор за маж со полско потекло кој живеел во сутерен и излегол за да ја провери состојбата за време на поплавата, по што бил однесен од надојдената вода и завршил под автомобил.

Невремето предизвикало сериозни проблеми во повеќе региони низ земјата. Во Атика, каде што се наоѓа и Атина, поплавени се улици и приземни простории, а пријавени се и паднати дрвја. Службите интервенирале на повеќе локации за испумпување вода и расчистување на теренот.

Грчките власти преку системот за итно предупредување ги повикале граѓаните да избегнуваат непотребни движења и да ги следат официјалните препораки, а предупредување било испратено и до жителите на Родос.

Проблеми имало и во авионскиот сообраќај. На аеродромот во Ираклион на островот Крит биле регистрирани нарушувања поради намалената видливост, предизвикана од африканска прашина што пристигнала од Либија и Египет, поради што дел од летовите биле пренасочени.

Поради лошите временски услови, наставата е откажана во неколку региони, а нарушен е и поморскиот сообраќај, при што дел од фериботските линии не сообраќаат.

Метеоролозите најавуваат дека од утре се очекува постепено стабилизирање на временските услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни