Најмалку 60 загинати во силно невреме во Авганистан

Обилни снежни и дождовни врнежи предизвикаа човечки жртви, големи материјални штети и ја продлабочија хуманитарната криза во земјата

Најмалку 61 лице го загубиле животот, а над 110 се повредени поради силно невреме што го зафати Авганистан во изминатите три дена, соопшти Националната служба за управување со катастрофи.

Според портпаролот на службата, Јусаф Хамад, обилниот снег и дожд предизвикале целосно или делумно уништување на најмалку 458 куќи, како и угинување на стотици животни во 15 од вкупно 34 провинции во земјата. Информациите ги пренесе Associated Press.

Авганистан важи за една од најранливите земји кога станува збор за екстремни временски услови. Само во 2024 година, во пролетните поплави загинаа повеќе од 300 луѓе, што дополнително ја истакна ограничената подготвеност на земјата за справување со природни катастрофи.

Аналитичарите предупредуваат дека последиците од невремето се засилени од долгогодишните конфликти, слабата инфраструктура, тешката економска состојба, масовното крчење шуми и сè поизразените ефекти од климатските промени. Најтешко погодени се оддалечените и рурални подрачја, каде пристапот до помош е ограничен.

Во меѓувреме, Обединети нации претходно овој месец предупредија дека Авганистан и во 2026 година ќе остане една од најголемите хуманитарни кризи во светот. ОН покренаа апел за собирање 1,7 милијарди долари, со цел да им се помогне на речиси 18 милиони луѓе на кои им е потребна итна хуманитарна поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни