„Војната не е завршена и Хамас ќе биде разоружан. Тие што сакаат да ни наштетат повторно се наоружуваат и не се откажале од својата цел – да не уништат. Газа ќе биде демилитаризирана, тоа ќе се случи или на полесен начин или на потежок, но ќе се случи,“ изјави Нетанјаху во обраќањето пред Кнесетот, израелскиот парламент.
Нетанјаху нагласи дека Израел останува решен да го спроведе примирјето во Газа и Либан „со железна тупаница“, истакнувајќи дека безбедносните сили секојдневно се справуваат со безбедносни закани од северната граница.
„Можете да видите што се случува секој ден во Либан,“ рече тој, додавајќи дека Израел ќе продолжи со воени и дипломатски притисоци за да го ослаби Хамас и да спречи негово повторно зајакнување.
Премиерот истакна дека Израел се приближува повеќе од кога било до земјите во регионот, сугерирајќи дека во тек се нови дипломатски иницијативи.
„Ќе слушнете повеќе за тоа во наредниот период,“ рече Нетанјаху, без да наведе детали.
Тој посочи дека комбинацијата на воени операции на Израелските одбранбени сили (IDF) и дипломатскиот притисок на САД за изолација на Хамас овозможиле враќање на сите преживеани заложници и на повеќето од загинатите чии тела беа во Газа.
Изјавата на Нетанјаху доаѓа во момент на зголемени тензии и несигурност околу трајноста на примирјето во регионот, додека меѓународната заедница повикува на политичко решение и стабилен прекин на огнот.
Извор: N1info.rs
