Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека наредил Шпанија да биде исклучена од Цивилно-воениот координативен центар во Кирјат Гат, тело формирано во рамки на поширокиот план што служи за следење и спроведување на примирјето во Газа. Одлуката доаѓа по серија остри критики од Мадрид за израелските воени дејства во Газа, Иран, на окупираниот Западен Брег и во Либан.
Во видео-порака, Нетанјаху рече дека нема да толерира, како што ја нарече, „лицемерната и непријателска“ политика на Шпанија кон Израел. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар, пак, изјави дека владата на Педро Санчес со својата „очигледна анти-израелска пристрасност“ ја изгубила способноста да биде корисен партнер во спроведувањето на мировниот план и работата на центарот.
Овој потег е ново заострување на и онака нарушените односи меѓу Израел и Шпанија. Мадрид во изминатиот период јавно ги осуди израелските напади врз Либан, побара построг европски одговор кон Израел и зазеде поостра линија кон војната во регионот, што дополнително ја зголеми тензијата меѓу двете земји.
Иако потегот има силна дипломатска симболика, тој воедно покажува колку примирјето во Газа останува оптоварено не само со воени, туку и со политички судири меѓу сојузници и критичари на израелската политика. Исклучувањето на Шпанија од овој механизам не значи само билатерален конфликт, туку и уште еден сигнал дека просторот за координиран меѓународен притисок околу Газа станува сè потесен.