Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се уште не е постигнат договор за примирје, иако сите светски медиумски агенции објавија дека преговарачите во Катар ги усогласиле ставовите.
Според Нетанјаху се уште се „пеглале“ последните детали од договорот кој треба да обезбеди примирје и размена на заложници.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека е постигнат договор за размена на заложниците и за прекин на огнот, истакнувајќи дека договорот не би бил можен дококу тој не победеше на американските претседателски избори.
Договорот, кој сè уште не е официјално објавен, ја прикажува почетната фаза на прекин на огнот од шест недели и вклучува постепено повлекување на израелските сили од Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во замена за палестинските затвореници кои ги држеше Израел, изјави за Ројтерс официјален претставник информиран за преговорите.
Од Хамас, доминантната палестинска милитантна група во Газа, изјавија за Ројтерс дека нејзината делегација им го предала на посредниците одобрението за договорот за прекин на огнот и враќањето на заложниците.
Палестински функционер, кој побара да остане анонимен, претходно изјави за Ројтерс дека Хамас усно го одобрил предлогот за прекин на огнот и враќање на заложниците што се преговара во Катар и дека чека повеќе информации за да даде конечно писмено одобрување.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар рече дека ја прекинува посетата на Европа и дека ќе се врати во Израел во текот на ноќта за да учествува во гласањето на безбедносниот кабинет и владата за договорот – што значи дека гласањето најверојатно ќе биде до или во четврток.