Цените на лебот и пецивата нема да се зголемуваат до крајот на април, беше договорено на денешниот работен состанок во Министерството за економија меѓу претставници на мелничко-пекарската индустрија, коморите и институциите.
На состанокот присуствувале претставници на Стопанската комора, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, заедно со заменик-министерот за економија Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Според заклучоците од средбата, состојбата со цените на лебот и пецивата во моментов е под контрола, а поскапување нема во 99 отсто од државата.
Претставниците на мелничко-пекарската индустрија порачале дека, како општествено одговорен сектор, донеле одлука цените да останат на сегашното ниво и во наредниот период, односно до крајот на април. Во меѓувреме, состојбата ќе продолжи да се следи и анализира.
Од Министерството за економија и од Владата, пак, најавиле дека заеднички ќе ја следат ситуацијата и дека, доколку дојде до влошување поради движењата на цените на нафтата и енергенсите, ќе се бараат решенија за да се избегне нов ценовен удар во оваа индустрија.
Во пораката испратена по состанокот, претставниците на мелничко-пекарскиот сектор апелираа до медиумите и политичките чинители да не ја користат оваа чувствителна тема за создавање паника и несигурност кај граѓаните, оценувајќи дека таквиот пристап им штети и на потрошувачите и на компаниите.