„Нема да нè снема“ – Скопје на протестен марш во недела на 8 март

Маршот ќе тргне од паркот Жена Борец а ќе заврши кај столбот на украдената биста на Вера Јоциќ во Градскиот парк

Во организација на неколку иницијативи и граѓански здруѓенија, и годинава ќе се одржи протестен марш по повод 8 март Меѓународниот ден на жената.

Маршот ќе тргне од паркот Жена Борец а ќе заврши кај столбот на украдената биста на Вера Јоциќ во Градскиот парк.

Оваа година маршот ќе се одвива под слоганот „Нема да не снема“ кој ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност.

„2025 година беше рекордна по фемициди и по случаи на родово-базирано и семејно насилство, а годинава почна исто така со голем број случаи на убиства и насилство врз жени и девојки.

Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, вознемирување, демнење, уценување, мизогинија и сексизам, не се изолирани инциденти туку резултат на нашето секојдневие кое ги дехуманизира жените.

Сите надлежни институции, кои со години игнорираат, минимизираат, релативизираат, поттикнуваат и доволуваат насилство врз жени се виновни. Виновна е и заедницата која избира да им верува на насилниците, наместо на жртвите.

Во ова општество жената е оставена сама да докажува, да се штити, да бега и залудно да бара помош. Во ова општество жената е најнебезбедна токму онаму „каде што ѝ е местото“: дома.

Ова општество ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и имаат право да ги поседуваат, контролираат, па дури и одземат нашите животи.

Со години маршираме и се бориме за достоинство, слобода, безбедност, превенција, заштита и живот без страв. И оваа година ќе маршираме и со пркос кон културата на насилство ќе порачаме: нема да нè снема.

Нема оправдувања, нема затајување, нема заборавање.

Заедно да им се спротивставиме на силеџиите, насилниците, убијците и институциите“ се вели во повикот од организаторите.

Оттаму, ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на маршот в недела.

За сите оние кои повеќе немаат глас; За сите оние кои побарале помош и не ја добиле; За сите оние кои требаше да бидат спасени, а не беа; За сите оние кои не можат да излезат зошто го ризикуваат својот живот…

Излези на протестен марш оваа недела во 12:00 часот во Жена Парк Борец“ повикуваат организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни