Лажната локација ја отриле вработени во Меморијалниот центар во Сребреница, поради што побарале од Гугл таа да биде отстранета. Локацијата била на средината на гробиштата каде што се закопани телата на загинатите во Сребреница.
Алмаша Салиховиќ, портпаролка на Меморијалниот центар, го опиша ставањето на ваква лажна локација како „уште една во низата навреди“ за жртвите и преживеаните од геноцидот врз Бошњаците во јули 1995 година од страна на силите на босанските Срби предводени од Младиќ.
Таа рече дека тоа може да биде уште еден обид да се негира дека се случил геноцидот или „практична шега“.
Младиќ беше осуден за геноцид и други воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал и осуден на доживотен затвор.
Босанскиот закон забранува негирање на геноцидот и глорификација на воените злосторници. Кривично ќе одговара лицето кое го стави непостоечкиот „Парк Ратко Младиќ“, изјави адвокатот Едвин Агиќ.
Агиќ рече дека со тоа, „сторителот на овој чин ги негира и минимизира околностите под кои луѓето беа убиени во масовни размери, што длабоко ги навредува жртвите и преживеаните“.
Адвокатот Мирнес Ајановиќ рече дека доколку државното обвинителство добие претставка, должно е да истражи и да открие кој е одговорен. Тој додаде дека е лесно да се следат дигиталните траги, како што се IP адресите и корисничките сметки, кои можат да послужат како клучен доказ за идентификување на сторителот.
„Лицето одговорно за додавање на оваа лажна страница мора кривично да се гони според законот. Оваа ситуација, исто така, покренува важно прашање за одговорноста на дигиталните платформи како Google, кои мора да преземат поактивна улога во превенцијата и поефективното следење, за да се спречат такви злоупотреби во иднина“, вели Ајановиќ.
Државното обвинителство соопшти дека сè уште не добило жалба за инцидентот.
Салиховиќ рече дека откако ознаката на паркот Ратко Младиќ била видлива една недела, Google ја избришал од мапата.
Габриела Чиореан, менаџерка за комуникации во Google, изјави за БИРН дека нивните автоматизирани системи и обучени оператори постојано работат на следење на мапите за сомнително однесување, вклучително и неточни промени на локациите.
Чиореан додаде дека Google им олеснил на корисниците да пријавуваат погрешни локации и несоодветна содржина.
„Овозможувањето на корисниците да сугерираат промени на мапите ни помага да имаме поцелосни и ажурирани информации, но свесни сме дека понекогаш може да се предложат неточни или лоши промени“, рече таа.
„Кога тоа ќе се случи, правиме се што можеме за да го решиме проблемот што е можно поскоро. Ние користиме рачни и автоматизирани системи за откривање спам и измама, но не споделуваме детали за нашите процеси, за да не откриваме информации на оние со лоши намери“, додаде таа.
Емир Алибашиќ, судски експерт за информации и комуникации, рече дека секој може да побара промена на податоците од Google, која ќе биде прифатена доколку ги исполнува критериумите поставени од алгоритмот.
Извор: БИРН