Недела наутро:
Во последниве три месеци сум прав „пензионер“ и сум заборавила како изгледа неделниот мамурлак после саботно излегување. Речиси воопшто не излегувам. Многу сакам да кажам дека утрото го почнувам со смути и јога или слично, ама го почнувам со кафе и (уште) лежење во кревет, додека не смислам што ќе се прави тој ден.
Неделен ручек:
Живеам сама од 18 години, но обожавам да готвам. За среќа животот со време ме научи на оваа вештина, па редовно си ја негувам. Сакам кога во недела ќе ми дојде некој близок на ручек, тоа ми е можеби омилена друштвена активност. Многу сакам да правам мусака, грашок, зелка, леќа, сѐ што содржи пиперка, ориз со месо…

Недела попладне:
Недела генерално ми е ден за правење – ништо. Од толку многу работни обврски во текот на неделата, едвај чекам ден за одмор. Ако сум сама, најчесто гледам некоја серија, гледам интервјуа што мене ми се забавни, готвам, подзачистувам… Но, ако сум со друштво, муабетиме за смислата на животот со чашка (или две) добро вино, ха ха ха…
Неделно опуштање:
Ако си во љубов, недела е најубав ден кога си со саканата личност. Јас периодов сум во љубов со себе, ха ха ха… па си уживаме. Ако не сум во добри односи и со себе, тогаш спијам.
Недела навечер:
Недела навечер имам цел козметички ритуал за следната недела, кој ми е ептен омилен. Па тоа пилинзи, мачкања, премачкувања – жените знаат, ха ха ха…
Недела во детството
Бидејќи растев во Детско село, со уште шест деца во куќа „Буба Мара“, недела ја паметам како ден кога седум ранци местат книги за понеделник, ха ха ха… Хаос невиден. Неделата завршуваше со седум избањати деца, во пижами, сите светнати во лицата од Бекутан и нетрпеливи да го дочекаат понеделничкиот прв час, ха ха ха…

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Ако мразите понеделник, барајте си нова работа. Мене понеделник ми е проблем само ако е тмурен и врнежлив. Само сонце нека има и ако сака секој ден нека е понеделник!