Увозот на над 22.000 килограми киви од Србија е стопиран, откако инспекторите за храна пронајдоа ларви и инсекти во пратката наменета за индустриска преработка.
Според соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство, органолептичкиот преглед покажал дека овошјето е небезбедно за потрошувачи и не може да се користи за преработка. Увозникот добил решение за нештетно уништување на целата пратка, бидејќи истата не можела да се врати во Србија.
„Станува збор за 22.340 килограми киви кои, по утврдувањето на присуство на ларви и промена на органолептичките својства, се небезбедни за потрошувачите“, предупредуваат од агенцијата.
Овој случај повторно го отвора прашањето за контролата на увозот на храна и безбедноста на преработувачката индустрија во земјава.