Не сме фини

Како многу луѓе во земјава растев во далеку од совршени услови. Денес, кога се чувствувам многу поудобно, негувам должност кон сите кои се справуваат со потешкотии на различни начини во секојдневието. Ги освестувам своите привилегии со секоја година плус живеење и сфаќам дека е нужно да зборувам и пишувам за нив за активно да давам отпор против тие положби и системот кој ги создава. Оттаму и потребата за овој текст и за сите овие размисли.

Не можеме да ги градиме нашите животи преправајќи се дека ништо околу нас не се случува. Длабоко пикнати во привидните засолништа ние сме само повеќе отуѓени од кога било. Како формираме здрав однос со себе, кога замижуваме пред она што ни е пред нос, а толку многу работи треба да нè допираат? Летово изгоре огромна површина на шуми, пропаѓа јавниот превоз во Скопје, следи уште една зима со загаден воздух, многу граѓани се борат за основни човекови права и едвај преживуваат. Листата со проблеми кои не загрижуваат е предолга.

*Пишувам додека во позадина по десетти пат оди ,,Не сме фини еден со друг” oд Бернајс пропаганда*

Ме ужаснува што се криеме, што се преправаме дека не гледаме, што отрпнуваме колективно на туѓата болка. Тоа што често забораваме да сме добри, во најмала рака пристојни едни кон други и мораме да се потпираме само на поединечни примери и мали групи. Длабоко ме погодува огромната суета која мисли дека е доволно таа да биде задоволена. Ароганција која соли памет и не придонесува суштински, наспроти потребата да се слушне, да се разбере нешто и да се создаде некаква идеја. Во кој момент почнавме да се движиме во тој правец?

Секогаш кога ќе си дадеме простор да излеземе од сопствените глави за момент ќе видиме дека светот и поврзувањето се случуваат толку блиску до нас. Пред нашата куќа, на нашата улица, на автобуската станица, на факултет, на работа, комуникацијата со другото е насекаде. Колку повеќе го правиме тоа, толку сме покревки, сфаќаме колку сме зависни од луѓето и колку таа зависност ни е важна. Ги гледаме динамиките и процесите што поттикнуваат неправда, бараат да се обидеме да размислуваме повеќе за нашиот придонес и вклучување. Колку го правиме ова, дали е доволно? Од способноста да емпатизираме, да разбереме и да се вклучиме во борбата на другите зависи и како ќе живееме.

На што мислам кога зборувам за оваа борба?

Радикалната грижа и солидарност на колективот, нешто кое се учи преку преку врските кои секој ден ги градиме, преку мали алтернативни пракси, преку верување во луѓето, преку помошта и длабокото сочувствување. Таа драматично ги менува точките каде допира и очајно ни е потребна како општество, како град, како некаков простор кој се стреми да се  трансформира и расте.

Подразбира соочување со сите делчиња во нас потопени во пропагандата дека сме доволни сами на себе и независни, бара да признаеме дека  мора да работиме заедно и да се трансформираме, за тоа да го пресликаме и во средината. И да си кажеме на глас најпрво дека не правиме доволно и дека тоа е навистина тажно.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што и самата сум дел од проблемот, сите сме дел од него. Длабоко сме уморни како општество, ама тоа во никој случај не значи дека треба да си свртиме грб едни на други. Грб треба да се сврти на секоја идеја која може да го направи овој живот овде помалку слободен, еднаков и праведен, а ги има многу такви, за жал. Често ја гледаме само нашата реалност, а тоа како нашите пријатели, познаници, сограѓани се борат за достоинствен живот нè допира само преку некоја заштитна мрежа која нè штити од вознемирување. Добро сме додека проблемите не се однесуваат на нас.

Но, ние не сме изолирани единки и како да не разбираме колку сме си потребни. Трагично е што често забораваме дека токму преку тие политики на сочувство, вклучување и активизам може да се придвижиме понатаму. Дека сето ова се однесува повторно на нас, бесконечниот круг кој тргнува од нашиот идентитет и завршува во општествените процеси и повторно од почеток продолжува.

Сакам да верувам дека можеме да го имаме тоа, но често Скопје и државава ме тераат само да вреснам додека возам велосипед низ некоја скопска улица: Да излеземе од своите глави, светот е многу повеќе од нашиот удобен кревет!

Животот подеднакво болно им се случува на луѓето и должни сме да реализираме многу повеќе од човечкото во нас. Во насока на несебичност и граѓанство, да ги отвориме нашите внатрешни простори вистински и да престанеме да се изолираме. Секојдневно да ја шириме сопствената чувствителност, затоа што солидарноста  и грижата се основни принципи на кои таа се гради. Во заедницата е смислата и во напорите кои ги правиме за да стане поотворена, похрабра. Можеби, сето ова може да го започнеме ако за промена почесто почнеме да се прашуваме: Kако се чувствуваат другите и како можам да придонесам во нивното ослободување денес, утре и во иднина? Не сме сами и во тој факт сè уште се наоѓа нашата скриена сила. Јас потајно сè уште пробувам да верувам во неа, во тоа дека можеме да бидеме фини едни со други.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни