Не е само горивото: Војната во Иран создава глобален недостиг на ѓубрива и се заканува да ја поскапи храната

Војната во Иран не влијае само врз цените на горивото – таа веќе предизвикува и глобален недостиг на ѓубрива, што може да има сериозни последици за производството на храна и цените ширум светот.

Земјоделците во многу земји веќе го чувствуваат притисокот, особено во момент кога започнува сезоната на садење. Експертите предупредуваат дека недостигот на ѓубрива може да доведе до пониски приноси и поскапа храна во наредниот период.

Заменик-извршниот директор на World Food Programme, Карл Скај, изјави дека најсиромашните земјоделци на северната хемисфера во голема мера зависат од увоз на ѓубрива од Персискиот Залив, а токму таму снабдувањето е нарушено поради конфликтот.

„Во најлош случај, тоа значи пониски приноси и пропаст на жетвата следната сезона. Во најдобар случај, зголемените трошоци ќе се прелеат во цените на храната следната година“, изјави Скај.

Економистот за прехранбени системи Реј Петел предупредува дека некои земји веќе се соочуваат со критичен недостиг.

„На пример, Eтиопија добива повеќе од 90% од своето азотно ѓубриво од Персискиот Залив преку Џибути – рута која беше под притисок и пред почетокот на војната. Сега е сезона на садење, а ѓубривото го нема“, вели Пател.

Иако цените на ѓубривата во моментов се пониски од периодот по нападот на Русија врз Украина, ситуацијата е посложена бидејќи тогаш високите цени на житото им помогнале на земјоделците да ги покријат трошоците.

Според Џозеф Глаубер од International Food Policy Research Institute, сегашните нарушувања веќе се чувствуваат низ Африка, каде многу земјоделци зависат од увоз на ѓубрива од Блискиот Исток и Русија.

Во меѓувреме, Индија веќе воведува субвенции за ѓубрива за да го ублажи финансискиот товар врз земјоделците.

Недостигот дополнително ги погодува земјите во развој, кои веќе се соочуваат со климатски промени, повисоки температури и нестабилни временски услови.

Експертите предупредуваат дека ако кризата продолжи, последиците нема да се ограничат само на земјоделците – туку ќе ги почувствуваат и потрошувачите ширум светот преку повисоки цени на храната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни