Како гест на солидарност и поддршка на организаторите на овогодинешниот НЕ: БИТЕФ, во понеделник, 15 декември, со почеток во 18 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во просторот „мал базен“, ќе се одржи пренос во живо на претставата „Процесот Пелико“ на Мило Рау и Серван Декле.
Настанот е организиран преку солидарно здружување помеѓу ФДУ Скопје и повеќе локални организации, фестивали и платформи активни во полето на изведувачките уметности и критичката култура: Локомотива и Платформа фестивал, Прво па женско, Испробување феминистички иднини на ТИИИИТ! Инк, Маргини, Скопје Прајд Викенд, ФРУ/АКТО, Контрапункт, новиот КРИК – Фестивал за критичка култура, како и МОТ.
Во истиот термин претставата ќе се изведува на Факултетот за драмски уметности во Белград, по повод отворањето на 59. издание на БИТЕФ, кој годинава, поради бојкот, притисоци и цензура од институциите, се одржува како алтернативен, герилски организиран фестивал под името НЕ: БИТЕФ и слоганот „БИТЕФ е таму каде што ќе се собереме“.
НЕ: БИТЕФ годинава се наметна како симбол на отпор против систематското уништување на прогресивната и критичка култура. Фестивалот постои благодарение на огромна количина неплатена работа, исцрпеност и личен ризик што го преземаат културните работнички и работници кои го создаваат.
Организаторите упатуваат повик до јавноста солидарно да се придружи и да даде поддршка на колешките и колегите, уметниците, активистките и културните работници вклучени во реализацијата на НЕ: БИТЕФ.
„Процесот Пелико“ е документарна театарска претстава со времетраење од 260 минути, заснована врз читање и драматуршко обликување на судските досиеја од неодамна завршен процес што ја потресе европската јавност. Претставата сведочи за систем кој овозможува семејното насилство да остане незабележано, без дополнителна естетска надградба, туку преку прецизен драматуршки колаж.
Станува збор за случајот на Жизел Пелико, 72-годишна Французинка која, во период од неколку години, во несвесна состојба била силувана од сопругот и уште педесет мажи кои тој ги регрутирал преку интернет. Нејзината одлука судењето да биде јавно имаше за цел, како што самата изјави, „срамот да ги смени страните“.
Претставата е копродукција на Виенскиот фестивал и Фестивалот во Авињон, а белградската изведба вклучува речиси триесет локални актери, културни работници и активисти, препознатливи и по своите професионални достигнувања и по својот општествен ангажман.
БИТЕФ, основан во 1967 година, со децении важи за еден од најзначајните европски театарски фестивали, познат по следењето на најновите уметнички практики и по надминувањето на политичките и културните бариери. Откако Управниот одбор на фестивалот на крајот на октомври ја отфрли планираната програма за 59. издание, уметничкиот тим го раскина договорот и иницираше одржување на НЕ: БИТЕФ.
Герилски организираната програма ќе се одржува од 15 до 18 декември, на неколку локации во Белград, со претстави, панели и проекции на домашни и странски автори. Целосната програма е достапна на официјалната веб-страница на НЕ: БИТЕФ.
