Израелските власти, пред сè премиерот Бенјамин Нетанјаху, се сè позагрижени поради, како што наведуваат, ширењето на иранската програма за производство на балистички ракети, која била оштетена во претходните израелски воени напади. Поради тоа, тие се подготвуваат да го информираат претседателот на САД, Доналд Трамп, за можни нови воени акции, дознава NBC News од извори запознаени со плановите.
Според истите извори, Израел е загрижен и дека Иран ги обновува постројките за збогатување ураниум кои САД ги бомбардираа во јуни. Сепак, израелските официјални лица како поитна закана ги гледаат напорите на Техеран да ги обнови капацитетите за производство на балистички ракети и да ги поправи оштетените системи за противвоздушна одбрана.
Се очекува Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се сретнат подоцна овој месец на имотот на Трамп, Мар-а-Лаго, во Флорида.
Изворите наведуваат дека Нетанјаху има намера да му пренесе на Трамп дека ширењето на иранскиот ракетен програм претставува сериозна безбедносна закана која може да бара брза реакција.
Според истите информации, Нетанјаху ќе тврди дека иранските активности не го загрозуваат само Израел, туку и поширокиот регион, вклучително и интересите на САД. Тој наводно ќе му претстави на Трамп и можни опции за американско учество или поддршка на нови воени операции.
Израел проценува дека, доколку не биде запрен, Иран би можел да го зголеми производството на балистички ракети и до 3.000 месечно, што се смета за најнепосредна безбедносна закана за земјата.
Во разговорите меѓу Трамп и Нетанјаху се очекува да биде отворено и прашањето за кревкото примирје меѓу Израел и Хамас. Постои загриженост дека одредбите од следната фаза на договорот не се спроведуваат целосно, вклучувајќи го повлекувањето на израелските сили од Газа и воспоставувањето привремена меѓународна администрација.