61 издание на Галичка свадба

Најубавата свадба на Балканот

Галичката свадба годинава по 61 пат се одржува на падините на Бистра. И овој пат на среде Галичник се заигра „Тешкото“, по ритамот на зурлите и тапаните, се носеше невестата на вода, се постави свадбарскиот бајрак, се бричеше зетот и се зема невестата од нејзиниот дом во свадбарската поворка со најмногу сватови која ја славеше љубовта и традицијата.

Крунисувањето на љубовта помеѓу Стефана Димитрова со потекло од Галичник и зетот Дејан Кочоски, се случуваше во присуство на илјадници гости кои викендов го посетија Галичник и Галичката свадба.

Манифестација која се одржува секоја година на Петровден на 12 јули е богата со многу свадбарски обичаи ритуали, препознатливи и карактеристични само за Мијачиот регион. Во деновите на свадбата, зурлите и тапаните ечат во ритамот на Тешкото на падините на Бистра и ја најавуваат Галичката свадба и нејзините многубројни сватови.

Галичката свадба со децении ги негува единствените свадбарски обичаи и ритуали изворни за жителите од овој крај, песните, ората и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите.

Свадбарските обичаи започнаа во сабота со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вечерта ва сабота беше пречекот на тапаните, свекрвиното оро, а членови на ансамблот „Танец“ го одиграа „Тешкото“.

Денес свадбата продолжи со обичаите канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето на невестата и сватовите, како и обредните песни и ора и венчавката на младенците во црквата во Галичник. Свеченоста заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Во селото Галичник во кое живеат само два житела, викендов имаше над 5000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.

Според архивски податоци првата Галичка свадба била одржана во 1963 година со илјадници луѓе како публика.

Во наредните години манифестацијата не се одржала, сè до 1973 година кога се изградил асфалтен пат до Галичник.

Во тие години сите учесници во манифестацијата биле статисти. Првата вистинска венчавка се одржала во 1991 година, кога младоженците навистина биле венчани во црквата во Галичник. Оттогаш до денес „Галичка свадба“ се одржува секоја година, освен во 2001 година, поради вооружените конфликти во Македонија.

Но и тогаш, пред селската чешма било симболично изведено орото Тешкото.

Галичниката свадба е симбол на традицијата и културата која се негува низ годините, но и симбол на љубовта која се прославува со најблиските, со соселаните и со сите посетители на Галичник. Културно наследство кое се негува со децении. Бисер на Мијачкиот крај.

Годинешната Галичка свадба ви ја пренесуваме преку фотографиите на Томислав Георгиев.

Фото Томислав Георгиев

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни