Вселенската капсула „Сојуз“ со која Петит и неговите руски колеги, космонаутите Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, се вратија на Земјата, слета во неделата наутро во казахстанската степа, близу градот Жезказган. Слетувањето се случи точно во 6:20 часот по локално време – на роденденот на Петит – и беше изведено со помош на падобрани, објави руската вселенска агенција „Роскосмос“.
НАСА објави снимки од слетувањето кои изгледаат речиси филмски: капсула што тивко се спушта кон Земјата додека зад неа се појавува изгрејсонце.
Астронаутите мисијата ја започнаа пред 220 дена, а за тоа време извршија 3.520 орбити околу Земјата и поминаа вкупно 93,3 милиони милји, односно над 150 милиони километри. Ова беше четврти лет во вселената за Петит, кој во својата 29-годишна кариера има поминато вкупно 590 дена или повеќе од 18 месеци во орбитата околу Земјата.
Иако тој е најстариот активен астронаут на НАСА, Петит не е и највозрасната личност што летала во вселената. Тој рекорд и понатаму го држи легендарниот Џон Глен, кој во 1998 година учествуваше во мисија на 77-годишна возраст.
По слетувањето, членовите на екипажот беа пречекани од спасувачки тимови и пренесени во медицински шатори за иницијални прегледи. Следува период на адаптација на гравитацијата, по што Петит, кој е роден на 20 април 1955 година во Орегон, ќе биде префрлен во градот Караганда, а потоа и во Свемирскиот центар Џонсон во Хјустон. Неговите руски колеги ќе се вратат во ѕвездената обука во „Ѕвездениот град“ кај Москва.
Претходно, пред заминување од Меѓународната вселенска станица, командата на екипажот беше свечено предадена на јапонскиот астронаут Такуја Ониши.