Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, соопштија денес дека во американски воздушен напад врз притворски центар за мигранти во градот Сада, нивно упориште на северот од земјата, загинале 68 лица, според новиот биланс на жртви.
„Цивилната одбрана соопшти дека 68 африкански мигранти се убиени, а 47 повредени во американски напад насочен кон центар во кој беа сместени нелегални мигранти“, јави телевизијата на бунтовниците Ал Масира.
Официјалната новинска агенција на Хутите, Саба, објави дека нападите биле насочени кон “еден од центрите за притвор на африкански мигранти” во Сада. Во центарот, според соопштението на нивното Министерство за внатрешни работи, имало 115 мигранти.
ТВ-снимки покажуваат тела под урнатини и спасувачки екипи кои се обидуваат да им помогнат на жртвите.
🇺🇸 Американските сили извршија серија напади врз цели во Јемен со цел да ја неутрализираат заканата од Хутите врз трговски бродови во Црвеното Море, стратешка зона за глобалната трговија.
Од почетокот на војната во Газа (7 октомври 2023), Хутите извршија десетици ракетни напади кон Израел и бродови поврзани со Израел, тврдејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците.