Снежана Јанковиќ

Најголем успех е што сега имаме извиднички дом – Шумско домче

Снежана Јанковиќ е извидник со стаж од 25 години и вели дека тоа и е една од најдобрите одлуки што ја донела. Таа беше дел од славното видео со малиот извидник Петар и ги бира бургерите на Давор и Бојан покрај грашокот. Снежана е национален координатор на најголемата волонтерска акција за пошумување опожарени подрачја, Боренка. Омилени извиднички домови и се извидничкиот дом Чичко Боро – Мала Река на Китка по нашки Шумско домче и втор и е светскиот извиднички центар во Кандерштег, Швајцарија. Како нејзини најголеми успеси ги гледа: генерациите деца на кои им била водач како сега го водат ПСИО и организацијата на 11та Смотра на Сојуз на извидници на Македонија во 2013г, Скребатно.

Трн: Што треба да поседуваш за да станеш извидник, како се станува член на извидници, која е процедурата?

Снежана: Апсолутно ништо, единствено што треба е да имаш желба да се дружиш, да запознаваш нови пријатели од градот, земјата, регионот, светот. Тоа што треба е да не најдат на некоја од нашите социјални мрежи –Facebook / Instagram – First Scout Unit of Skopje и да ни остават порака со контакт информации и возраст за да може водачот на таа возрасна категорија да ги контактира за ден и час кога има состанок групата. ПСИО (Прв Скопски Извиднички Одред) се наоѓа во Дебар Маало, секој е добредојден ако му се допаѓа си продолжува да си доаѓа на состаноци и полека се запознава со програмата.

Трн: Од славното видео со слаткиот извидник Петар видовме дека со помалите членови навистина треба трпение и упорност за да успеете да ги научите што значи да си извидник. Со какви предизвици се соочуваш на настаните што ги организирате?

Снежана: Најголем предизвик ни се родителите да ги научиме да ги почитуваат правилата и листите кога им помагаат на децата да се спакуваат…па секогаш некое дете заборава кабаница, удобни кондури за планина, шише за вода, предлог исхрана пред поаѓање на пат. Морам да напоменам дека децата, нашите извидници се навистина многу поинакви кога се дома, на училиште и на извиднички активности и често пати се случува да ни посочат за некоја особина кај некое дете кое навистина не доаѓа до израз кога е на камп со 70-80 други извидници. Од останати предизвици при организација на настани ни се секогаш локациите на кои одиме. Ние како извидници нити сакаме нити можеме да си дозволиме да организираме настани на комерцијални места бидејќи не секој извидник може да си дозволи финансиски, па тука доаѓа не предизвик туку сериозен проблем бидејќи во нашата земја речиси сите планинарски домови се во катастрофална состојба, немаат капацитет и најстрашно нема инфраструктура и пристап, па сигурно и заради тоа пропаѓаат. Еве сега истражуваме каде да го организираме зимскиот камп, жално е колку немаме избор токму од тие инфраструктурни проблеми.

Трн: Грашок или ?

Снежана: Бургерите на Давор и Бојан 😊

Трн: Врзување чворови, местење шатор, што ти беше најтешко да научиш ?

Снежана: Ништо од ова, предобра сум во овие дисциплини и ден денес. Има настани кога се полага вештината во правење на овие дисциплини и некои од ентузијастичните извидници не прифаќа дека положил додека не ме победи хахахахаха. Потешко ми беше да научам да испраќам пораки со Морзеова азбука за една минута и да решавам задачи на топографска карта.

Трн: Ти си и програмски координатор на Боренка, што е Боренка и која е визијата на Боренка?

Снежана: Да, моментално работам во Сојуз на извидници на Македонија (СИМ) како национален координатор на Боренка. Боренка е приказна чиј носител е СИМ во партнерство со ЈП Национални шуми, а идејата за истата е реплицирана од успешната Боранка, имплементирана од Сојуз на извидници на Хрватска уште од 2018. Боренка започна како пилот проект поддржан од Амбасадата на САД во 2022 и веќе има голем број поддржувачи. Станува збор за најголемата волонтерска акција за пошумување опожарени подрачја. Таа е интерактивна акција која има за цел да ја подигне свеста на граѓаните, особено на децата и младите, за важноста на шумите, заштитата на природата, последиците од глобалното затоплување и превенцијата и заштитата од пожари. Акциите за садење дрвја се одвиваат во текот на пролет и есен, кога условите се најдобри во природа. Изборот на видовите што (ќе) се садат и локацијата каде што се садат се врши исклучиво во соработка со струката и експертите од национални шуми. Како дел од акцијата БОРЕНКА, се користат т.н боренки јаглени моливи направени од изгорени дрвја. Покрај волонтирањето, граѓаните можат да се вклучат во акциите за пошумување на уникатен начин. користејќи ги овие БОРЕНКИ, можат да нацртаат сопствено дрво, да му дадат име и да го засадат во „виртуелна шума“ на borenka.mk. За секое „засадено“ дрво на страницата, волонтерите на Борeнка ќе посадат вистински расад на опожарена земја. Како што расте виртуелната шума, така ќе се зголемува и бројот на живи садници во природата. Симболички, нов живот произлегува од изгорено црно-бело дрво и се раѓа нова шума во боја. Боренка (бор+боенка) единствената боенка која враќа боја на изгорена шума.

Трн: Од која возраст се почнува со извидништво и до која возраст можеш да бидеш активен извидник? Има ли некакво ограничување?

Снежана: Извидниците ширум светот се поделени во категории. Најмалите почнуваат од прво одделение до петто и се нарекуваат развигорци, потоа до деветто се извидници, па во периодот кога се средно формираат клуб на истражувачи и над 18 се ровери. Може да се стане извидник во било кое време, но секогаш е добро да се започне од мали нозе. Извидништвото е движење и начин на живот, нема кај нас дипломи за завршени степени и сл, само амблеми за положени вештини.

Трн: По што се препознаваат различните одреди?

Снежана: Секој локален одред кај нас и во светот (не има повеќе од 60 милиони) си има свои бои на марамата и свој амблем (лого). На ПСИО марамата е сина со бордо трака, а на амблемот ги имаме извезено камени мост, Вардар и сонце… и тоа е единствено по кое се разликуваме од некои извидници од Франција, Кенија, Малезија, Бразил и сл.

Трн: Кој е твојот најголем успех?

Снежана: Мојата посветеност и упорност да си ги исполнам соновите за ПСИО да имаме извиднички дом – Шумско домче, да имаме одредско возило, опрема за кампување (која ја снемува после толку кампови 😊, да ги гледам генерациите деца на кои сум им била водач како сега го водат ПСИО и секако тука е организацијата на 11та Смотра на Сојуз на извидници на Македонија во 2013г, Скребатно.

Трн: Која е најдалечната дестинација на која си била?

Снежана: Немам некоја посебно далечна дестинација, тука се движам низ Европа, а најубаво ми е кога имаме некој настан во Грција, Португалија, Италија (топлите земји)

Трн: Кој ти е омилен извиднички дом?

Снежана: Имам два 😊 Едниот Извиднички дом Чичко Боро – Мала Река на Китка по нашки Шумско домче и втор ми е светскиот извиднички центар во Кандерштег, Швајцарија.

Трн: Какви настани организира Прв извиднички одред?

Снежана: Програмата во ПСИО се реализира преку стекнување на 25 вештини кои извидниците во вид на работилници – состаноци ги стекнуваат. Во ПСИО годишно се реализираат преку 400 состаноци (работилници), 4 поголеми кампови и 2 национални натпревари. Сите овие настани се од година за година со различни симболички рамки па мозокот на сите волонтери во ПСИО ни работи 300 на саат со нови идеи, воведување на европски и светски активности, воведување нови програми. Оваа година продолживме со имплементација на програмата Извидниците за Целите на одржлив развој, со посебен акцент 0 отпад од храна, заштита на животната средина, користење соларна енергија и подобрување на квалитетот на неформалното образование.

Трн: Меѓународните соработки што носат и со кои земји најчесто соработувате?

Снежана: Носат многу нови пријателства кои се за цел живот, нови искуства, позитивни практики…имаме што да научиме од другите држави, но морам да кажам дека и тие доста учат од нас. Најмногу соработуваме со извидниците од Хрватска, Црна Гора, Бугарија и Белгија.

Трн: Кој е следен извиднички камп и каде ќе се одржува и кој може да биде дел од него ?

Снежана: За споениот викенд 20-23 октомври традиционално го спроведуваме нашиот одредски есенски бивак – живот во природа и учење животни вештини кој ќе се одржи во Извиднички центар – Охрид каде развигорците спијат во тврд објект, а извидниците, истражувачите и роверите во шатори. На извидничките кампови може да дојдат само наши членови кои редовно ја посетуваат извидничката програма каде пред се се учи почит кон себе, кон другите и кон својата духовна реалност, каде се учи дека поголемиот секогаш му помага на помалиот односно посилниот на послабиот – што всушност и претставува нашиот поздрав кога креваме рака со три прсти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни