Научници од Универзитетот Џангнан во Кина веруваат дека откриле природен начин за регулирање на нивото на шеќер во крвта и намалување на желбата за благо – ефекти слични на оние што ги дава лекот Оземпик. Клучот се крие во цревната микробиота, поточно во една специфична бактерија и супстанците што таа ги произведува при варењето.
Зголемувањето на присуството на оваа бактерија кај глувци со дијабетес довело до зголемено лачење на хормонот GLP-1, кој природно ја регулира ситоста и шеќерот во крвта – ист хормон на кој делуваат и лекови како Оземпик (семаглутид).
Дополнително, истражувањето ја истакнува улогата на бактеријата Bacteroides vulgatus. Кај глувци кај кои генетски било оневозможено создавање на цревниот протеин Ffar4, се забележало намалено присуство на оваа бактерија, што довело до пониско ниво на хормонот FGF21 – поврзан со желбата за шеќер.
Анализа на крв од 60 лица со дијабетес и 24 здрави испитаници покажала дека мутации на генот Ffar4, кои го намалуваат лачењето на FGF21, можат да бидат поврзани со засилена желба за слатки – што пак може да придонесе за појава на болеста.
Кога научниците им дале на глувците метаболит што го произведува B. vulgatus, забележале зголемено лачење на GLP-1 и FGF21, подобра регулација на шеќерот и намалена желба за благо.
Иако досега ефектите се потврдени само кај глувци, научниците веруваат дека се на добар пат кон природна стратегија за превенција на дијабетес – без потреба од лекови.