Овој метод може да помогне кај неплодност предизвикана од возраст или болест, а потенцијално би овозможил и истополовите парови да имаат генетски поврзано дете.
Техниката, развиена од истражувачи на Универзитетот за здравство и наука во Орегон (OHSU), го користи јадрото од клетка на кожа, кое го содржи целосниот генетски код, и го поставува во јајце донор од кое претходно е отстранета генетската материја. Јајце клетката потоа се стимулира да отфрли половина од хромозомите преку процес наречен „митомејоза“, за да може да се оплоди со сперматозоид на обичен начин.
Во експериментот биле создадени 82 функционални јајце клетки, кои биле оплодени со сперматозоиди и развиле ембриони до шесттиот ден. Истражувачите предупредуваат дека успехот сè уште е ограничен и дека методот бара значајно усовршување пред да може да се користи во клиничка пракса.
„Остваривме нешто што се сметаше за невозможно“, изјави професорот Шукрат Миталипов, директор на центарот за ембрионска терапија на OHSU. Според него, во иднина оваа технологија може да помогне на луѓе кои не можат да добијат деца поради недостаток на јајце клетки или сперматозоиди.
Истражувачите потенцираат дека овој пристап би можел да овозможи и истополовите парови да имаат дете генетски поврзано со двајцата партнери, користејќи ја ДНК од кожа на едниот партнер за создавање јајце клетка, а сперматозоидите од другиот.
Научниците нагласуваат дека потребен е јавен дијалог за етичките и безбедносните прашања, но и дека ова претставува значаен напредок во репродуктивната медицина.
Извор: BBC