Во просторот околу и помеѓу галаксиите, во форма на огромни невидливи облаци од јонизиран водород, се крие исчезнатата половина од космичката материја. Оваа материја обично не би можела да се види, но меѓународен тим астрономи и астрофизичари разви техника која открива каде таа се сокрива во темнината меѓу ѕвездите, објави РТС.
Подоцнежни набљудувања потврдија дека исчезнатата половина од материјата е во облик на интергалактична магла од водород, исфрлена подалеку од активните јадра на галаксиите отколку што се претпоставуваше.
„Сметаме дека колку подалеку се оддалечуваме од галаксиите, толку повеќе го откриваме исчезнатиот гас“, вели астрономката Борјана Хаџијска од Универзитетот Беркли и Националната лабораторија „Лоренс Беркли“.
Таа додава: „Потребно е да направиме уште попрецизни анализи и симулации. Сакавме внимателно да ја завршиме работата.“
Барионската материја сочинува околу 5% од густината на масата и енергијата во универзумот. Остатокот го сочинуваат темната материја (27%) и темната енергија (68%). Темната материја и темната енергија не беа предмет на ова истражување, туку мистеријата околу исчезнатата барионска материја која со децении ги збунуваше научниците.
Проблемот беше што научниците не знаеја каде се наоѓа голем дел од таа материја. Бидејќи водородот сочинува 90% од сите атоми и 75% од вкупната маса во универзумот, логично е дека голем дел од исчезнатата барионска материја е токму водород.
Се верува дека досега недостигале повеќе од 50% од водородот во космосот. Иако јонизираниот водород може да свети, овој сјај во интергалактичкиот простор е премногу слаб за директно да се открие.
Како да се види невидливото?
Сепак, постојат начини да се забележи овој невидлив облак од водород. Еден од методите е да се следат промените во светлината зад него – позадинското светло на космичките микробранови.
„Позадината на космичките микробранови е зад сè што го гледаме во универзумот – тоа е раб на видливиот космос. Со помош на тоа светло можеме да откриеме каде се наоѓа гасот“, објаснува космологот Симон Фераро од Националната лабораторија „Лоренс Беркли“.
Додека светлината патува низ ретките облаци од јонизиран водород, може да се засили или пригуши поради расејување со електроните во гасот. Но, и самото космичко микробраново зрачење е многу слабо.
Решението беше преку наталожување на повеќе набљудувања – комбинирање на повеќе снимки за да се истакнат слабите, речиси невидливи карактеристики. Истражувачите го направија тоа со анализа на повеќе од еден милион светлечки црвени галаксии на растојание од осум милијарди светлосни години од Млечниот Пат.
Резултатите покажаа дека ореолите од водород околу галаксиите се многу поголеми од претходно мисленото. Постојат индикации дека тие се дури и поголеми отколку што ова истражување успеа да измери.
„Мерењата дефинитивно одат во прилог на тоа дека сме на пат да ја пронајдеме целата исчезната материја“, нагласува Фераро.