Натпреварот со ВИ ќе биде тешка битка, креирајте таму каде што ВИ не може

Процесот на дизајнирање, па дури и дефиницијата за тоа кој е дизајнер ќе се промени многу, па ќе се постави прашањето кој е и што е дизајнер, вели Марин Леблан од Freepik во интервју за Трн.мк.

Леблан на AI Tech Summit во Скопје дискутираше за создавање производи со брзината на вештачка интелигенција, а за Трн.мк истакна дека во иднина ќе имаме луѓе кои нема да отвораат Photoshop и не знаат графички дизајн, но ќе бидат многу вредни дизајнери благодарение на вештачката интелигенција.

„Компаниите ќе вработуваат луѓе за нивниот уникатен вкус и тогаш веројатно помали тимови, можеби дури и поединци ќе имаат можност да креираат многу повеќе содржина“ вели Леблан.

Според него доколку има натпревар за слики во кои учесниците може да бираат дали ќе учествуваат со фотографии или слики креирани со вештачка интелигенција на зададена тема, дека најверојатно тие кои креираат со вештачка интелигенција лесно ќе победат.

Како совет за фотографите, Леблан вели дека треба да се фокусираат да креираат таму и тоа што вештачката интелигенција не може.

„ВИ не може да фотографира вистински настан. Ако сакате фотографија од Малага, не сакате вештачка интелигенција. Ако сакате фотографија од вистинска личност, не сакате вештачка интелигенција. Значи, треба да решите, одете таму каде што вештачката интелигенција никогаш нема да биде. Но секаде каде што ќе почнете да се натпреварувате со вештачката интелигенција, ќе имате тешка битка, тоа е сигурно“ вели Леблан.

Во интервјуто за Трн.мк, тој кажа дека не очекува оти вештачката интелигенција ќе предизвика масовна невработеност, бидејќи при секој технолошки скок се креираат нови и попријатни работни места.

Според Леблан, вештачката интелигенција ќе создаде многу повеќе богатство од што ќе уништи и дека луѓето ќе најдат поинтересни работни места.

„Можеби ќе имаат поинтересни работни места каде што во основа создаваат уметност, а притоа добиваат плата. Можеби дури и ќе работат помалку и добиваат исти приходи“ рече Леблан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни