Балистички проектил, за кој турското Министерство за одбрана соопшти дека бил лансиран од Иран и влегол во турскиот воздушен простор, бил неутрализиран од воздушните и противракетните сили на НАТО распоредени во источниот Медитеран.
Во соопштението се наведува дека Турција решително и без одлагање ги презема сите потребни мерки против секоја закана насочена кон нејзината територија и воздушен простор. Анкара додаде дека внимателно ја следи состојбата во регионот, при што националната безбедност останува приоритет.
Ова е четврт ваков инцидент што Турција го пријавува од почетокот на ескалацијата на конфликтот овој месец. Истовремено, извештаите укажуваат дека настанот дополнително ги засилува стравувањата од пошироко прелевање на регионалната криза.
Во меѓувреме, турски извори наведуваат и дека Анкара предупредила оти би можела да интервенира во северен Ирак доколку курдски милитанти се вклучат во копнените борби во Иран. Според Reuters, турските власти веќе испратиле пораки до повеќе страни дека нема да прифатат вклучување на, како што ги нарекуваат, „терористички организации“ во нападите врз Иран.