Реномираното списание National Geographic го вброи Охридското Езеро меѓу петте езера во Европа што мора да се посетат, ставајќи го рамо до рамо со светски познати природни бисери.
Во текстот се нагласува дека езерото, кое е под заштита на УНЕСКО како светско природно и културно наследство, претставува едно од најстарите и најдлабоки во Европа.
„Сместено меѓу планините на Македонија и источна Албанија, ова зелено-сино езеро плени со својата древност и убавина,“ пишува National Geographic.
Летото е опишано како совршен период за посета, со капење во проѕирните води, пикници на каменестите плажи како Потпеш и Лабино, како и незаборавни зајдисонца во розово-виолетови нијанси. Во текстот се истакнува и градот Охрид, кој со своите калдрмисани улички, православни цркви и остатоци од средновековната тврдина создава магичен амбиент.
На северниот брег, пак, посетителите можат да прошетаат по дрвената патека покрај карпите, што води кон скриени плажи.
Посебен акцент е ставен на гастрономијата: рестораните на брегот нудат локални специјалитети како чорба од охридска пастрмка со лимон и лук, спарени со македонски вина.
Покрај Охрид, списанието ги вклучи и езерата Констанц, Бохињ, Алквева и Перуча во својот избор на петте највпечатливи езера на Стариот континент.
Со ова признание, Охрид повторно се најде на светската туристичка мапа, претставувајќи ја Македонија како дестинација каде природата, културата и гастрономијата се преплетуваат во уникатно искуство.