Ноември е. Само што започна кампањата 16 дена активизам за борба против насилството врз жените. Вообичаено овој месец на светско ниво се обележува и како месец на борба против зависностите. Зависностите и насилството врз жените се поврзани теми иако за нив заедно многу ретко се зборува и како тема е невидлива во јавниот дискурс. Затоа овој текст е посветен на поврзаноста на употребата на дрогите кај жените и насилството врз жените.
И покрај тоа што живееме во 21 век, жените се’ уште се во подредена позиција речиси секаде во светот а посебно на Балканот вклучително и во Македонија. Ова е пред се видливо во однос на поделбата на моќ. Имено мажите се тие кои се на клучни функции каде се носат одлуките. Иако има напредок сепак жените се’ уште се многу повидливи во приватната сфера-да раѓа деца, да се грижи за воспитанието на децата, да се грижи за куќата – пеглање, чистење итн. Видливоста на жената само во приватната сфера влијае негативно врз решавањето на проблемот кога жената е зависна од дроги.
Пред се затоа што нејзината невидливост во јавната сфера се реплицира како индиго во невидливоста односно неприсутноста во програмите за лекување на зависност.
Иако се проценува дека на глобално ниво најмалку 25 % од луѓето кои употребуваат дроги се жени (во Европа веројатно и малку повеќе ) нивната застапеност во програмите за зависности не е поголем од 15 % од вкупниот број. Така е и кај нас. Во Македонија жените кои употребуваат дроги се видливи единствено во живото-загрижувачки состојби. На пример околу 30 % од случаите на предозирање со опијати се жени. Она што многу често сум го сретнувал во мојата 20 годишна работа со луѓе зависни од дроги е да иницијацијата за инјектирањето на дрога кај жените е многу често на иницијатива на маж кој е нејзин партнер или сопруг. Во оние случаи пак кога жената сака да се инјектира, речиси во 90% е инјектирана од маж. Значи жената која самата решила да користи хероин, освен од хероинот станува зависна и од мажот кој ја инјектира.
Во 2021 ХОПС го објави истражувањето “Родово базирано насилство врз жените кои употребуваат дроги.” Според ова истражување жените кои употребуваат клубски дроги (екстази, амфетамини и сл) споделиле специфично искуство на сексуално насилство за време, на или по завршување на журките. Имено, тие раскажуваат ситуации од лично искуство или искуства на нивни блиски пријателки кога се зема поголема количина од супстанцата или се мешаат повеќе супстанции со алкохол што ги потенцира негативните ефекти од супстанциите и предизвикуваат намалување на свесноста и способноста за донесување на информирани одлуки. Најчесто, ваквата состојба на намалена свесност кај жените под дејство на супстанции се злоупотребува од мажите со сексуално насилство, неретко и од повеќе мажи истовремено.
“…Она името не знае да си го каже, а не па да даде согласност за секс…ама ја свлечкаа у соба за да ја злоупотребат…”
“…На журка кај другар дома земавме амфетамин, пиевме алкохол, ја ич не пијам алкохол, ама они ајде, ајде…и почна да ми се врти, да не ми е добро…кога мажите шо беа тука, двајца тројца почнаа да ме влечат, да ме тегнат за да ме силуваат…избегав…не знам како сум се извлекла, сум дошла до пред зграда на клупа и тука сум заспала…”
Ова се само дел од исказите кои го опишуваат насилството што жените кои употребуваат клубски дроги го имаат преживеано. Жените кориснички на опијати ( хероин) и жените на третман на зависност од опијати споделуваат слични искуства на насилство, како во домот, така и од партнерите, околината и институциите, што за разлика од жените кои употребуваа клупски дроги, се случува постојано. Како што покажува истражувањето постоечкиот третман за лекување на зависност од дроги е организиран согласно потребите на мажите кои употребуваат дроги што ги обесхрабрува жените да започнат со третман.
Сите жени кои се на третман со супституциска терапија и учеснички во истражувањето споделиле искуство на насилство за време на земањето на терапијата и чувство на страв секогаш кога одат по
терапијата.
“машките на сила ни ја земаат терапија…мене ми е страв да одам. Какви работи се случуваат пред обезбедувањето и не преземаат ништо, што ли очекуваш кога нема обезбедување…” “…мажите доминираат каде што се дели терапијата. Има неколку луѓе насилно ја земаат терапијата…ако си женско зависничка мора да си курва и ќе ти бара пари, или ќе проба на лош начин да ти ја земе терапијата, ќе те излаже…”
Една од испитаничките која е на терапија со бупренорфин изјави дека немала искуство на насилство додека ја земала терапијата, единствено само довикувања и свиркања од мажите. Голем дел од жените овие микро агресии во јавниот простор не ги идентификуваат како родово- базирано насилство туку како норма и прифатливо однесување.
Во периодот од 2018 до 2020 година од страна на тимот на ХОПС документирани се вкупно 11 различни случаи на родово базирано насилство врз 8 жени кои употребуваат дроги. Во 10 од овие 11 случаи присутно е физичко насилство, а во еден случај (малтретирање од полиција) било присутно само психичко насилство. Два од 10 случаи во кои е документирано континуирано физичко насилство, завршиле со убиство на жртвата (фемицид).
Едното убиство се случило во 2019 година а другото убиство во 2020 година за време на ковид пандемијата додека имаше мерки за ограничување на движењето. Во најголем број од случаите на родово базирано насилство, сторителот бил постоечкиот или поранешниот партнер или друг член на семејството.
Ова се искуствата на жените кои употребуваат дроги. Од друга страна институциите се спори во одговорот на родово базираното насилство особено кон жените кои употребуваат дроги и не постапуваат со должно внимание, принцип втемелен во меѓународната и национална правна рамка. Институционалните механизми за заштита на жените кои употребуваат дроги а се жртви на родово базирано насилство, се селективни, несензибилизирани, тешко пристапни, ограничувачки, дискриминаторски и бавни што предизвикува недоверба кај жртвите дека ќе добијат навремена и сигурна заштита од насилникот што е најчестата причина зошто жртвите не ги пријавуваат насилниците.
Жените кои употребуваат дроги ги препознаваат медиумите како важен сегмент во превенцијата на насилството. Тие сметаат дека медиумите треба да посветат повеќе внимание во изборот на содржините што ги емитуваат, па наместо серии и програми што поттикнуваат насилство или ги одржуваат патријархалните норми, да емитуваат едукативни и информативни содржини за промоција на човековите права, различностите во општеството и заштита од насилство.