НАСА: Овој јули веројатно е најтоплиот месец во изминатите сто години

Фото: Guglielmo Mangiapane/REUTERS

Овој месец најверојатно ќе биде најтоплиот месец од изминатите сто, можеби дури и илјада години, изјави главниот климатолог на НАСА, Гевин Шмит.

Дневните рекорди веќе се срушени во јули, според реперите на Европската унија и Универзитетот во Мејн, кои комбинираат податоци од земја и сателити за прелиминарните проценки на просечната температура.

„Гледаме драматични промени во целиот свет. Топлотните бранови во САД, Европа и Кина неконтролирано уриваат рекорди“ додаде тој.

Трендот на екстремни горештини е непогрешлив и најверојатно ќе се одрази во месечните извештаи објавени од американските агенции, објасни Шмит на прес-брифингот на НАСА.

„Прогнозираме дека така ќе продолжи, а причината е што продолжуваме да испуштаме гасови во атмосферата.“

Целата оваа топлина ги зголемува шансите 2023 година да биде најтоплата година во просек. Сегашните модели проценуваат дека шансите за такво нешто се меѓу 50 и 80 проценти.

Претходниот рекорд го држеше 2016 година, но за рекордната температура придонесе многу силниот феномен Ел Нињо кој се разви во периодот од 2014 до 2016 година. Меѓутоа, овој пат топлината не може да се припише само на феноменот Ел Нињо бидејќи тој всушност само што се појавува, објаснува Шмит. Иако Ел Нињо моментално игра мала улога, она што го гледаме се рекордни температури, речиси насекаде, особено во океаните. Со месеци бележиме рекордни температури на површината на морето, дури и надвор од тропските предели.

„Предвидуваме дека 2024 година во просек ќе биде уште потопла бидејќи ќе ја започнеме со Ел Нињо, кој сега се развива, а кој својот врв ќе го достигне дури на крајот на оваа година“, додаде Шмит.

Неговите предупредувања доаѓаат додека светот се соочува со шумски пожари, екстремни здравствени предупредувања и рекордни температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни