Наплата за транзит низ Ормускиот теснец: што ги очекува бродовите

Нацрт-закон во Иран предвидува нов режим за минување низ стратешкиот поморски премин, со можни ограничувања за бродови од земји што вовеле санкции кон Техеран.

Иран се приближува до ново заострување околу Ормускиот теснец, откако парламентарната комисија за национална безбедност одобри нацрт-закон што предвидува наплата за минување низ стратешкиот поморски премин и ограничување на пристапот за бродови поврзани со земји кои му вовеле санкции на Техеран. Предлогот сега треба да оди на расправа и гласање во иранскиот парламент.

Според иранската агенција Fars, повикувајќи се на член на комисијата, под ограничувањата би можеле да се најдат бродови од САД, Израел и земји што во изминатите години го санкционирале Иран. Во тие извештаи се споменуваат и бродови од Европската Унија, но засега не нема независна потврда дека таква забрана е веќе усвоена или дека ќе стапи во сила.

Нацрт-законот предвидува и наплата за транзит низ Ормускиот теснец, а според досегашните информации, таксата би се плаќала во ирански ријали. Тоа е дел од обидот на Техеран да ја засили контролата врз финансиските текови и истовремено да ги заобиколи американските санкции.

Ормутскиот теснец е една од најчувствителните енергетски точки во светот, затоа што низ него минува значителен дел од глобалната нафта и течен природен гас. Секоја најава за нови ограничувања во овој премин веднаш отвора стравувања од дополнителен удар врз испораките на енергенси и врз цените на светските пазари.

Овој потег доаѓа во време на засилена конфронтација меѓу Иран и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно побара Техеран целосно да го отвори теснецот и се закани со тешки последици ако тоа не се случи. Во меѓувреме, Reuters објави дека Иран веќе сигнализирал дека низ теснецот ќе можат да минуваат само бродови што не се сметаат за непријателски и кои ќе ја координираат пловидбата со иранските власти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни