Нападот, кој властите го опишуваат како „целно пукање“, предизвика силна безбедносна реакција и краткотраен карантин на претседателската резиденција.
Во вечерното обраќање, американскиот претседател Доналд Трамп го осуди нападот како „чин на зло, чин на омраза и чин на терор“, додавајќи дека станува збор за „злосторство против целата нација“. Трамп соопшти дека според податоците на Министерството за домашна безбедност, осомничениот влегол во САД од Авганистан во септември 2021 година, критикувајќи ја администрацијата на неговиот претходник.
Осомничениот е ранет и уапсен
Повеќе извори од истрагата за ABC News потврдија дека напаѓачот е 29-годишниот Рахманулах Лаканвал, кој поднел барање за азил во 2024 година и добил азил во април 2025 – во време на администрацијата на Трамп. Тој, исто така, бил ранет за време на инцидентот и хоспитализиран во критична состојба.
По обраќањето на претседателот, Службата за државјанство и имиграција објави дека „целата постапка за обработка на барања поврзани со авганистански државјани се запира на неопределено време“, поради дополнителни проверки на безбедносните протоколи.
ФБИ го истражува случајот како можен акт на меѓународен тероризам, обидувајќи се да утврди дали осомничениот бил инспириран или поврзан со странска терористичка организација.
Како се случил нападот
Нападот се случил околу 14:15 часот, кога осомничениот се појавил на аголот кај метро-станицата „Фарагут Вест“, ја кренал раката со оружјето и почнал да пука врз двајцата припадници на Националната гарда – маж и жена – соопшти извршниот заменик-шеф на полицијата во Вашингтон, Џефри Керол.
„Се чини дека се работи за самостоен напаѓач кој поставил заседа и ги нападнал припадниците на Националната гарда“, рече Керол.
Други припадници на Гарда веднаш реагирале, трчајќи кон местото на нападот и го совладале напаѓачот по размената на оган.
Националната гарда на Западна Вирџинија соопшти дека „брзата и херојска реакција“ на нивните колеги спречила уште поголема трагедија.
Широка безбедносна акција и реакции од врвот на државата
Полицијата во Вашингтон, ФБИ, Маршалската служба и АТФ веднаш го блокирале поширокото подрачје. Иако Белата куќа беше накратко ставена под карантин, мерката беше укината околу 17 часот. Трамп во моментот на нападот беше во Флорида, каде што го поминува Денот на благодарноста во Мар-а-Лаго.
„Животното кое пукаше во двата припадници на Националната гарда ќе плати висока цена,“ напиша Трамп на својата социјална мрежа, изразувајќи поддршка за војската и органите на редот.
Потсекретарот за одбрана Пит Хегсет објави дека на барање на Трамп ќе бидат испратени уште 500 припадници на Националната гарда во Вашингтон, нагласувајќи дека нападот „ќе ја зајакне решителноста за безбедност на главниот град“.
Заменик-претседателот Џеј Ди Ванс, кој во моментот бил во Кентаки, изјави дека нападот е „тажен потсетник на ризикот што го носи униформата“.
Повеќе информации се очекуваат денес
Федералните обвинители и полицијата најавија дека во текот на четврток ќе споделат дополнителни детали за осомничениот и текот на истрагата. Мотивот засега останува непознат, но градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, изјави дека напаѓачот „очигледно ги таргетирал“ припадниците на Националната гарда.
Нападот се случува во момент кога во Вашингтон се распоредени над 2.100 припадници на Гарда како дел од федералниот безбедносен режим воведен од администрацијата на Трамп ова лето.
Извор: ABC News
