Синоќа нешто пред полноќ, додека траеше епизода во живо на подкастот на Инофмакс, „Тешки муабети“, некој се обиде насилно да влезе во нивното студио и физички да се пресмета со водителите Милош Милошевски и Александар Митовски, додека како редовен гостин во студиото беше поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
Хронолошкиот тек на настаните опфаќаше повеќе важни елеменити, при што важно е да се напомене дека во 25-тата минута од подкастот, Александар Митовски му вели на еден од гледачите што коментираа во живо: „Абе слушај бе да ти кажам тебе една работа, прееска те гледам ни слика си ставил ни ништо, еден фолвер, ме следиш само мене на Инстаграм. Те блокирав. Многу бе силен ти, еве знаеш кај сум, дојди. Што бе вака на Фејсбук. Лингури“.
По речиси еден час, во 77-та минута од подкастот, изгледа дека навистина некој се појавил пред портите на Инфомакс при што Митовски вели: „Лупа овој? Па ѕвони во полиција“.
На прашањето на Јакимовски „кој лупа?“, Митовски одговара: „Па не знам, некој од овие ВМРО-то. Ај стисни пауза да видиме“.
Подкастот е ставен на пауза и по десетина минути Митовски повторно се појавува и вели: „Еве ја, таа е таа вмровската нервозна багра која што сега скрши врата, влезе внатре па малку тулумби и така, меѓутоа во моментов е тука пред врата. Сега чекаме да дојде полиција, не го пуштаме никаде, за да добие кривична пријава за напад на службено лице, бидејќи новинарите се службени лица, за кршење на врата, за насилен упад во приватен имот итн итн. Ние ќе ја одјавиме тука емисијата, ако во меѓувреме завршиме со полицијата ќе се вратиме назад“.
Емисијата во живо навистина продолжи околу 4 часот наутро, кога Митовски информираше дека полициски екипи биле во редакцијата на Инфомакс.
„Некој си непознат, додека траеше прееска емисијата, дошол тука, барем од што видовме од камерите, дојде со такси, почнува да тропа на вратата која што е заклучена бидејќи е на шифра, ја скрши, во тој момент излезе Милош да провери кога стиснавме пауза. Па не знаеше каде треба да оди и потоа кога тргна нагоре да се качува по скалите искрши уште една врата, па уште една и тука се фатија со Милош. Нели, Милош пробуваше да спречи поголем инцидент да настане. Тоа што е многу впечатливо е дека лицево кое што овдека влезе, влезе да го брани премиерот од нашите навреди, со муабетот, „кој си ти“ демек јас кој сум да го навредувам премиерот“, рече Митовски.
Според него, напаѓачот почнал да фрла со чаши, а за денеска најавија дека ќе ги објават снимките.
„Милош и Филип успеаа да го извадата надвор па дојде полиција, тие го приведоа. Ќе се гони по член 386, насилство и напад на службено лице“, рече Митовски во продолжението на подкастот, за по некое време да искоментира дека ваквкиот упад можеби и бил провокација бидејќи тој имауште малку од условната казна за оддавање службена тајна.
Инаку Митовски беше осуден на шест месеци условна казна уште во 2020 година за оддавање службена тајна кога сегашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, а на власт беше коалицијата на СДСМ и ДУИ. Но, пресудата во моментов е правосилна, според тврдењето на Митовски.
Пресудата се однесуваше на објавата на записник од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев при пријавата против Бојан Јовановски – Боки 13 за случајот „Рекет“.
Во 2020 година, кога беше изречена пресудата, со реакција на пресудата излегоа и Здружението на новинарите на Македонија, и паралелното новинарско здружение МАН, но и тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која соопшти дека тоа е доказ за едноумието кое сакал да го наметне тогашниот премиер.
„Преку обвиненија, тужби, пресуди и затворски казни, Зоран Заев сака да си купи мир и да ги цензурира новинарите кои одбиваат да клекнат на колена и да се приклучат на медиумско-обвинителско-политичката рекет машинерија. Зоран Заев заплашува, осудува новинари и врши директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана,“ соопшти тогаш ВМРО-ДПМНЕ.
На подкастот „Тешки муабети“, како и на порталот Инфомакс сега се говорат критики за актуелната власт токму од ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиниот лидер и премиер на државата Христијан Мицкоски. Меѓу другото, темите кои се обработуваат се однесуваат на трагедијата во Кочани во која животот го загубија 63 лица, а и за одбиените мигранти за азил во Велика Британија, за кои според британските медиуми, владата на Мицкоски преговара да бидат прифатени во Македонија во замена за парични средства.
Во март годинава, една недела по трагедијата во Кочани, ЗНМ остро реагираше на координираната онлајн кампања на вознемирување и дискредитација насочена кон уредникот на Инфомакс, Александар Митовски откако беа објавени снимки за негова средба со поранешниот премиер Зоран Заев.
„Видео материјалот е злоупотребен со јасна намера да се креираат негативни наративи кон Митовски, кои потоа се шират преку провокатори, но и анонимни ботови, што резултира со масовна онлајн хајка, говор на омраза и повици за насилство“, соопшти во март ЗНМ и додадоа дека „секој медиумски работник има право слободно да се движи и комуницира со различни извори и личности, без страв од јавна дискредитација или притисок“.
Од ЗНМ тогаш предупредија дека ваквите организирани напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на медиумските работници и истите можат да придонесат кон самоцензура.
Превземено од Мета
