Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во рускиот напад со беспилотни летала врз Одеса синоќа, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктура.
„Нападот со беспилотни летала беше насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, рече шефот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти во регионот соопштија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе, две други деца и 42-годишен маж, објави Ројтерс.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат чад како се издига од повеќекатна станбена зграда.
Главното црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, транспортната и пристанишната инфраструктура на градот, како и станбените области.
