Како сами да ја намалите потрошувачката на гориво: практични навики што прават разлика

Со правилно менување брзини, умерено забрзување и оптимално користење на возилото, возачите можат значително да ја намалат потрошувачката на гориво.

Потрошувачката на гориво не зависи само од автомобилот, туку и од стилот на возење и навиките на возачот. Со едноставни промени во начинот на забрзување, менување брзини и одржување на брзината, можно е значително да се намали потрошувачката и оптоварувањето на моторот. Експертите посочуваат дека економичното возење не само што штеди пари, туку го продолжува и работниот век на возилото.

Кај автомобилите со рачен менувач, навременото менување брзини има клучна улога. Препорачливо е рано да се менува во повисока брзина при забрзување, а подоцна во пониска при успорување. Оптималниот број вртежи на моторот најчесто е помеѓу 1500 и 2500 вртежи во минута, каде потрошувачката и оптоварувањето на моторот се најниски.

При тргнување, педалата за гас треба да се притиска умерено, приближно до две третини од нејзиниот од. По забрзувањето, одржувањето стабилна брзина придонесува за помала потрошувачка на гориво. Како општа препорака, економично е возење со брзина од 70 до 80 проценти од максималната брзина на возилото, без да се надминуваат законските ограничувања.

Рационалното користење на кинетичката енергија исто така има значење. Умереното кочење и навременото отпуштање на педалата за гас, особено пред семафори или крстосници, може да доведе до дополнителни заштеди. На подолги делници, темпоматот може да помогне во одржување константна брзина, но неговата употреба не е секогаш препорачлива, особено во густ сообраќај.

Дополнителната тежина во возилото е уште еден фактор што влијае врз потрошувачката. Дури и релативно мал товар може да ја зголеми потрошувачката на гориво, што ја нагласува потребата од рационално користење на багажниот простор.

Во услови на растечки цени на горивата и зголемена еколошка свест, економичното возење станува сè поважно, како за личниот буџет, така и за намалување на емисиите и влијанието врз животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни