Авионските турбуленции, некогаш сметани за непријатност што брзо минува, денес сè почесто се претвораат во сериозен безбедносен ризик. Со порастот на глобалните температури и сè поголемата фреквенција на летови, научниците предупредуваат дека турбуленциите не само што ќе станат почести, туку и поинтензивни. Последните инциденти, вклучувајќи го и оној на летот од Солт Лејк Сити кон Амстердам, каде 25 патници завршија во болница, го потврдуваат овој тренд. Во овој текст разгледуваме кои се најтурбулентни летови во светот и која е причината за тоа.
Минатата недела, летот на Delta Air Lines беше принуден на итно слетување во Минеаполис поради екстремна турбуленција што предизвика хаос во кабината. Сведоштвата од патниците опишуваат сцени како од земјотрес – колички за послужување летале низ авионот, а некои патници биле фрлени кон таванот. Иако сите повредени се стабилни, инцидентот е дел од растечкиот тренд на сериозни турбуленции во авионскиот сообраќај.
Турбуленцијата е една од најнепредвидливите појави во атмосферата. Таа се јавува кога воздушните струи се нарушуваат – од планински масиви, грмотевици, па сè до невидливи промени во брзината и насоката на ветерот на големи височини. Особено опасна е т.н. „турбуленција во чист воздух“, која се јавува во близина на млазните струи и не може да се открие со радар. Според експертите, токму овие невидливи турбуленции се во пораст, и тоа директно поврзано со климатските промени.
Најризичните и најтурбулентни летови се оние што минуваат над планински предели – како летот од Мендоза (Аргентина) до Сантијаго (Чиле), кој е прогласен за најтурбулентна рута во светот. Во Европа, најмногу турбуленции има над Алпите, додека во САД на летовите од и кон Денвер и Солт Лејк Сити. Во Азија, рутата меѓу Натори и Токонаме во Јапонија е меѓу најризичните поради силната млазна струја.
Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување го засилува овој феномен за најтурбулентни летови. Потоплиот воздух на јужната страна од млазната струја создава поголеми температурни разлики, што води до посилни ветрови и поинтензивни турбуленции. Истражувања покажуваат дека турбуленциите над Северниот Атлантик се зголемени за 55% од 1979 година, а во САД за 41%.
Грмотевичните бури се уште еден сериозен извор на турбуленција, особено во екваторските региони. Иако пилотите користат радар за да ги избегнат, некои системи не можат да ги откријат сите турбуленции што може да доведе до опасни ситуации – како онаа на летот од Лондон до Сингапур во 2024 година, кога еден патник почина, а десетици беа повредени.
И покрај анализата на најтурбулентни рути, авионскиот транспорт останува најбезбеден начин на патување. Модерните авиони се дизајнирани да издржат екстремни услови, а врзувањето појас е наједноставната и најефикасна мерка за заштита. Сепак, со растот на турбуленциите, авиокомпаниите, инженерите и научниците се во потрага по нови решенија – од подобрени предвидувања, преку иновативни технологии, до AI системи за стабилизација на летот.