Публиката отсекогаш била привлечена кон филмови кои будат силни емоции, од сцените каде Matthew McConaughey се распаѓа гледајќи ги пораките од ќерката во „Interstellar“, до Forrest Gump на гробот на Jenny. Но, научниците се обидоа да утврдат која сцена е најтажна во историјата на кинематографијата.
Истражувачи од Универзитетот Berkeley спроведоа студија „Emotion Elicitation Using Films“ со цел да се измери кои сцени најсилно предизвикуваат емоции. Во истражувањето учествувале околу 500 лица кои гледале исечоци од повеќе од 250 филмови.
Според резултатите, најтажната сцена е од спортската драма „Шампион“ од 1979 година, со Jon Voight и Faye Dunaway, а детската улога ја игра Ricky Schroder. Станува збор за крајот на филмот, каде што Voight-овиот лик, боксерски шампион, умира од последици од повреди по меч, додека неговиот мал син очајнички се обидува да го разбуди.
На второто место се најде смртта на мајката на Бамби од класичниот анимиран филм на Дизни од 1942 година. Таа сцена, каде младиот елен ја повикува мајката, со децении се смета за една од најтажните во историјата на анимацијата.
Иако многумина ја сметаат сцената од Бамби за симбол на детска траума на големото платно, научниците утврдиле дека сцената од „Шампион“ предизвикува посилна и подеднакво конзистентна емоција на тага. Сепак, доживувањето на тага во филмот останува субјективно и индивидуално.