Шумските пожари што го зафатија Лос Анџелес се најскапата природна катастрофа во 2025 година според осигурените загуби, покажува најновиот извештај на германската реосигурителна компанија Munich Re, пренесува Ројтерс.
Глобалните осигурени загуби од природни катастрофи во 2025 година изнесувале 108 милијарди долари, што претставува значително намалување во однос на инфлациски прилагодените 147 милијарди долари во 2024 година. На ваквиот пад, меѓу другото, придонело и тоа што континенталниот дел на САД за првпат по една деценија не бил погоден од урагани.
Проценката на Munich Re е речиси идентична со онаа на швајцарската компанија Swiss Re, која во декември објави дека осигурените загуби изнесуваат околу 107 милијарди долари. Најголемиот дел од тие загуби (дури 98 милијарди долари) биле поврзани со поплави, шумски пожари и силни бури, што значително го надминува десетгодишниот инфлациски прилагоден просек од 60 милијарди долари.
Најскапата осигурена катастрофа во текот на годината биле токму шумските пожари во Лос Анџелес, по кои следеле повеќедневните силни грмежливи бури што во март ги погодија централните и јужните сојузни држави на САД.
Членот на управниот одбор на Munich Re, Томас Блунк, оцени дека 2025 започнала исклучително лошо. „Годината почна со многу високи загуби предизвикани од шумските пожари во Лос Анџелес. Чиста среќа е тоа што Соединетите Американски Држави беа поштедени од урагани во 2025 година, но и покрај тоа, земјата останува број еден во статистиката на загуби“, изјави Блунк.
Главниот климатолог на Munich Re, Тобиас Грим, предупреди дека климатските промени го зголемуваат ризикот од вакви екстремни настани. „Светот што се загрева ги прави екстремните временски катастрофи сè поверојатни“, истакна тој.
Кога се вклучат и неосигурените штети, вкупните загуби од природни катастрофи во 2025 година достигнале 224 милијарди долари. Иако ова е помалку од 368 милијарди долари во 2024 година, бројката и понатаму укажува на сериозен економски товар. Втората најскапа катастрофа според вкупните загуби бил земјотресот со јачина од 7,7 степени што во март го погоди Мјанмар, каде што само мал дел од штетата бил осигурен.
Податоците доаѓаат во поширок контекст на глобалното затоплување. Според Европската агенција за животна средина, просечната глобална температура во периодот од 2015 до 2024 година била за 1,24 до 1,28 степени Целзиусови повисока од прединдустриските нивоа, што го прави тоа десетлетие најтопло забележано досега.
