Меѓу петте најпродавани автомобили во историјата се наоѓаат два јапонски, два германски и еден американски модел, кои со децении ја освојуваат довербата на возачите ширум светот и поставуваат стандарди во своите класи.
На петтото место е Honda Civic, модел што се произведува од 1972 година и е препознатлив по економичноста, сигурноста и удобноста при возење. Достапен во повеќе изведби, од основни градски верзии до спортски варијанти, Civic досега е продаден во повеќе од 24 милиони примероци и важи за еден од најуспешните компактни автомобили во светот.
Веднаш пред него е легендарната Volkswagen Buba. Од почетокот на производството во 1938 до 2003 година се произведени околу 21,5 милиони возила. Благодарение на едноставната конструкција, издржливоста и препознатливиот дизајн, Бубата стана глобална автомобилска икона.
Третата позиција ја зазема Volkswagen Golf, кој се појави во 1974 година како наследник на Бубата. Со постојани технолошки унапредувања и широка понуда на верзии, Golf се наметна како репер во европската компактна класа, со над 35 милиони продадени примероци.
На второто место е Ford F-Series, серија лесни камионети што доминира на американскиот пазар од 1948 година. Особено моделот F-150 стана симбол на американскиот начин на живот. Со повеќе од 40 милиони продадени возила, оваа серија е меѓу најголемите комерцијални успеси во автомобилската индустрија.
На самиот врв е Toyota Corolla, со повеќе од 50 милиони продадени автомобили од 1966 година наваму. Corolla е синоним за практичност, доверливост и ниски трошоци за одржување, што ѝ овозможи да стане најпродаван автомобил на сите времиња.