Мислејќи се овој пат кој крај да го фатиме се решивме за прилепскиот. И додека екипата на Трн се восхитуваше на природата во викенд населбата „Маркова чешма“, место викано „Сечена глава“ некој ни довикна, канејќи не на чашка ракија со салата од домашни пиперки, краставици и домати.
„Свесен сум дека не е секој скроен и со желба да се занимава со земјоделство, но дефинитивно производството на храна е неопходна дејност додека постои човештвото. Треба работа, време и трпение, но плодовите се слатки и сигурни, повелете и уверете се“, вака некако го почна муабетот Филип Димкоски, додека довршуваше со сецкање на свежиот босилек кој и тоа како ќе и даде посебна гастрономска нитка на салатата.
Димкоски е 28 годишен прилепчанец кој во 2020 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и со диплома за високо образование го заокружува своето знаење за градинарството и се што опфаќа работата на еден земјоделец, па и сточар. За себе вели дека градините, цвеќињата, зеленчукот, но и земјоделието и сточарството го интересирале уште од најмала возраст. Добро се сеќава дека на осум годишна возраст за прв пат со дедо му Илија садел во бавча.
„Секое лето одев во светониколско Кадрифаково, кај моите роднини, по страната на мајка ми. Особено се радував на дружбите со вујко ми Аце кој е сточар и полјоделец. Тоа уште повеќе ја разви мојата љубов кон оваа благородна, но тешка и специфична гранка“, вели Димкоски додека со рака ни го насочува погледот кон кокошарникот.
Тука се неговите кокошки. И тие имаат своја улога во органското производство на зеленчук, овошје и зачински билки во градината на младиот прилепчанец Димкоски. Тој пред три години, како што вели, си го исполнил животниот сон. Признава дека е тешко, но среќен е што директно учествува во производството на храна.
„Во 2020 завршив факултет, положив за возачка дозвола и го остварив својот долгогодишен сон, да си купам мала куќа со земја за обработка. Оттогаш почнува приказната наречена „Градината на Филип“. Сериозен предизвик, да се работи органски во градина која долго време била необработувана. Работите се движат полека, но се надевам дека сум на добар пат. Сега одгледувам повеќе видови зеленчук, овошно дрвца и зачински растенија. Постојани жители се и моите кокошки и кучката Хана. Работа има многу и секогаш. Но, добрата страна на индивидуалното земјоделство е што сам си го одредувам темпото и интензитетот на работа. Работите речиси целосно ги извршувам сам, а тоа значи постојана работа. Од подготовка на земјиштето, сеење и садење, одгледување, заштита, берба, обработка до краен продукт и продажба на истиот. Сето тоа е еден целосно затворен круг на производство кој бара работа, знаење и размислување, но и брзо адаптирање на условите“, ни раскажува Димкоски додкеа со погледот лутаме во лепезата на зеленило и мешавината од мириси на билки.
За жал, брзо се вративме во реалноста кога со воздишка Димкоски не потсети дека многу е мал бројот на млади луѓе во државава со оглед на масовното иселување, а уште помал на оние кои избираат да се занимаваат со најголемата уметност – да се произведе храна за човештвото.
„Без разлика дали ќе употребуваме еколошки, органски, пермакултурни, биодинамички или традиционални методи на производство, важно е да се стремиме да произведеме здрава и квалитетна храна. Во мојот случај, производството е комбинација на сите овие методи, но најважно од се ми е да произведам полновредни продукти за мене, за моето семејство и за малиот број потрошувачи со оглед на капацитетите што ги имам. Ништо не е лесно, но кога се работи со љубов, има смисла. Со образование, постојана надградба и работа се постигнуваат позитивни резултати и има млади кои се показатели дека тоа е така. Ќе ги спомнам Давид Неделковски од Кози Млеко Планина, Никола Богдановски од Моја фарма, колегата Симе Софрониевски од Мандра Софрониевски, колегата Христијан Даскалоски, колегата Димитар Митровски, Андреја Котески. Сите овие луѓе во различни земјоделски гранки постигнуваат резултати со макотрпна работа“, вели Димкоски.
Тој е и член на организацијата Слоу Фуд Македонија. Вели дека со нејзини заложби и во соработка со МЗШВ се направени позитивни законски измени во интерес на малите производители. Им порачува на младите луѓе да се одлучат за земјоделието и органското производство, бидејќи на тој начин секогаш ќе имаат и храна, но и заработувачка.
„Интерес и пласман за моите производи има со оглед на тоа што правам крајни преработки по традиционални и специфични рецепти, со продукти кои се целосно еколошки без никакви хемиски третмани“, вели Филип, ќинејќи уште некој плод од неговата мала, но богата градина сакајќи да ни испрати за дома.
Не можевме да го одбиеме, сончевите зраци кои одблеснуваа од зрелите плодови само ја истакнуваа нивната убавина. Пред да се поздравиме и за некоја следна средба да се договориме не можевме да не го прашаме што го мотивира. Само слатко се насмевна и ни рече:
„Љубовта кон сето тоа…“.
Со полни гради чист воздух, заситени од природни вкусови и ароми продолжуваме низ прилепскиот крај. Муабетите со Димкоски за неговата пасија кон пишувањето, за издадените книги за деца и возрасни, но и работатa како новинар ги оставивме за следна прилика.