Најголем пад на цената на златото во последните 43 години

Цената на златото забележа најголем неделен пад во последните 43 години поради глобални економски и геополитички фактори, но аналитичарите и понатаму предвидуваат долгорочен раст.

Златото, кое традиционално се смета за сигурно засолниште во време на кризи, бележи нагло намалување на вредноста во услови на глобални тензии, енергетска криза и војната во Иран. Од почетокот на март, цената на благородниот метал паднала за околу 800 долари по унца, односно околу 15%.

Откако на почетокот на март достигна речиси 5.400 долари по унца, златото до крајот на месецот се стабилизираше помеѓу 4.400 и 4.700 долари, со што голем дел од годишните добивки беа избришани.

Најголем неделен пад во последните четири децении

Особено остар пад е забележан во третата недела од март, кога цената се спушти од околу 5.000 на нешто над 4.500 долари за само неколку дена. Според аналитичарите, ова е најголемиот неделен пад во последните 43 години. Иако златото обично расте во време на кризи, овој пат се случи спротивно, долгорочниот растечки тренд беше прекинат токму во период на зголемени геополитички тензии.

Зошто златото паѓа во криза?

Експертите објаснуваат дека во време на големи падови на берзите, инвеститорите често продаваат злато за да ги покријат загубите или обврските. Бидејќи златото е високо ликвидно, тоа прво се користи за продажба.

Дополнителен фактор е и тоа што цената на златото значително порасна во последните две години, па дел од инвеститорите решија да ги реализираат добивките. Промените во очекувањата за каматните стапки исто така влијаат – повисоките камати го прават златото помалку атрактивно бидејќи не носи камата.

Аналитичарите и понатаму очекуваат раст

И покрај падот, повеќе финансиски институции остануваат оптимистични. Goldman Sachs проценува дека златото би можело повторно да достигне 5.400 долари по унца, додека UBS предвидува раст до 5.900 долари до почетокот на 2027 година. Commerzbank исто така ја зголеми својата прогноза на 5.000 долари до крајот на 2026 година.

Еден од можните ризици е продажба на златните резерви од страна на држави, што би можело дополнително да ја намали цената. Сепак, аналитичарите не очекуваат масовна распродажба, туку можен застој во купувањето од страна на централните банки. На краток рок се очекуваат нови осцилации, но на среден и долг рок, енергетската криза и можната стагфлација би можеле повторно да ја поттикнат цената на златото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни