Кервин Кендел Вилијамсон, фотограф

Најголем мотив ми е визуелно да комуницирам со луѓето на подлабоко ниво

Трн: Што ти недостасува најмногу од Њујорк?

Кервин: Ми недостасуваат институциите и пристапот до понапредна уметничка и културна сцена. Исто така, сите тие различни видови на храна и начинот на кој ме инспирираат. И секако, моето њујоршко семејство и пријателите.

Трн: Ако суштината на Њујорк ја претстави преку изложбата што ја постави неодамна, како би ја претставил суштината на Скопје, Битола?

Кервин:  Би ги претставил низ нивната визуелна естетика и урбаниот и историски шарм, и покрај очигледните недостатоци што ги имаат како градови во едно општество. Ова е нешто коешто веќе го имам направено, вклучувајќи ги Скопје, Битола и Охрид во мојата книга „Фотосензитивни: Северна Македонија“, која се обидувам да ја издадам.

Трн: Што е пресудно за да се направи добра фотографија, светло, климатски услови, агол?

Кервин: Сите горенаведени, со тоа што, ова се работи кои се прилагодуваат во зависност од темата и локацијата.

Трн: Дали фотографијата е субјективен или објективен приказ на реалноста?

Кервин: Субјективен и понекогаш објективен, иако на уметниците им е тешко да го објективизираат она кое го креираат или пак резултатот.

Трн: Што ти е главен мотив?

Кервин: Најголем мотив ми е визуелно да комуницирам со луѓето и на подлабоко ниво. Исто така, би сакал да имам и финансиска корист од продажбата на моите дела овде, па дел од тој профит да го вложам во проекти кои ќе и помогнат на заедницата, како и во соработка со други локални уметници.

Трн: Колку долго си фотограф и за какви видови фотографија си специјализиран?

Кервин: Се занимавам со фотографија од крајот на летото 2009 година, веднаш навлегувајќи во урбаната фотографија затоа што таму пораснав, па имав природна љубов кон архитектурата и градовите. Веројатно големо влијание врз ова имал и филмот, филмската уметност, особено западната. Освен урбаната фотографија, мој заштитен знак се настаните (најчесто од областа на културата и уметноста), портретите и природата.

Трн: Што влијае или го инспирира твојот фотографски стил и пристап?

Кервин:  Фотографи како Гордон Паркс и Вокер Еванс, филмот се разбира, режисери како Кјубрик, Спајк Ли, Руба Нада, Милчо Манчевски, западната уметност, но всушност уметноста воопшто. Исто така и мојот прв допир со уметноста – стрипот, секвенцијалната уметност, раскажувањето приказни.

Трн: Дали има одредени теми што најмногу уживаш да ги фотографираш?

Кервин: Патерни во урбаната средина, светлината и сенките, движењето на луѓето. „Целиот свет е сцена“, како што некогаш напишал големиот автор.

Трн: Како ја одржуваш рамнотежата помеѓу уметничкото изразување и исполнувањето на очекувањата на клиентите, особено во комерцијалната фотографија?

Кервин: Кога имам клиенти, тие најчесто ги очекуваат истите основни квалитети на фотографијата: добра композиција, важен им е фокусот и балансиран пристап кон осветлувањето.

Трн: Како технологијата влијаеше на твојата работа и дали веруваш дека ја подобрува или намалува уметноста во фотографијата?

Кервин: Технологијата само ја направи попрактична фотографијата. Јас ја искористив таа практичност, брзината и ефикасноста. Но исто така донесе цел нов свет за оваа уметничка форма, а сепак, во тој нов свет се игра со прекумерен фокус на една област наспроти друга, главно со визуелни трикови и новитети. Истата таа технологија веќе имаше почнато да го отупува општеството, и оние кои креираат и публиката, да влијае на реалноста и индивидуалните уметнички заслуги. Луѓето обично се понесени од постпродукциските визуелни елементи, од стилот пред суштината, но сепак, дигиталната фотографија може да се земе и како форма за создавање нови слики, за изразување нови идеи или ревитализирање на стари поими за уметност и убавина во контекст на 21 век.

Трн: Го носат ли црно белите фотографии колоритот на животот?

Кервин:  Да, до толку многу што животот е или вака или онака, погрешен или точен, или како што би рекол „култот“ на позитивноста – позитивен или негативен. Но во сето тоа има толку многу сивило, дури и во црно-белата фотографија. Тоа е двојноста на животот и постоењето или повеќеслојната природа на животот.

Трн: Си соработувал и со бројни наши уметници, со кого си имал најдобра соработка?

Кервин: Би рекол, Матеј Богдановски. Неговите дела беа комплементарни, или подобро кажано, добро се сложуваа со природата на проектот за урбаните промени во којшто го вклучив Матеј, уште во 2012 година. Исто така, мојата последна соработка со Боро Рудиќ. Тој има карактеристичен пристап кон естетиката, филозофијата и презентацијата на фотографијата, што навистина ве тера на размислување. Благодарен сум и на приликата преку него да запознаам други одлични фотографи од Македонската асоцијација на фотографи.

Трн: По што ќе ја паметиш 2023 и кои ти се плановите за 2024?

Кервин: 2023 беше тешка година на многу работа, но барем тука беше комфорот од семејството, поточно мојата сопруга и децата, и пријателите. Во 2024, се надевам да почнам да одам на вода и да го спасам светот (се смее). Исто така, се надевам да основам културен портал и да ја издадам мојата прва книга на фотографија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни