Во Лос Анџелес на 1 март беше одржано 32-то издание на Наградите на актерите, свеченост што ја водеше Kristen Bell, а се емитуваше во живо на Netflix од салата Shrine Auditorium & Expo Hall. Оваа година манифестацијата официјално го промени името и наместо досегашниот назив на наградите на Здружението на филмските актери, сега едноставно се нарекува Награди на актерите, со цел појасно да се истакне дека признанијата им се посветени на филмските и телевизиските актери.
Најголем победник на вечерта беше филмот Sinners, кој ја освои наградата за најдобар филм, а неговиот главен актер Michael B. Jordan беше прогласен за најдобар главен актер. За најдобра главна актерка беше избрана Jessie Buckley за улогата во филмот Hamnet, додека признанијата за споредни улоги им припаднаа на Sean Penn за филмот One Battle After Another и на Amy Madigan за Weapons.
Во телевизиските категории се истакнаа сериите The Pitt и The Studio, кои ги понесоа наградите за најдобра драмска и најдобра хумористична серија. Меѓу наградените актери се најдоа Noah Wyle, Keri Russell, Seth Rogen и Catherine O’Hara, додека признанија за улоги во ТВ филм или минисерија добија Owen Cooper и Michelle Williams.
Посебен момент на вечерта беше доделувањето на наградата за животно дело на легендарниот Harrison Ford, која му ја врачи неговиот колега Woody Harrelson. Со ова признание Форд им се приклучи на имиња како Jane Fonda, Sally Field, Barbra Streisand, Helen Mirren, Robert De Niro и Morgan Freeman, кои претходно ја добиле истата чест.
Во категориите за каскадерски изведби беше награден филмот Mission: Impossible – The Final Reckoning, како и серијата The Last of Us, со што вечерта уште еднаш ја истакна важноста на тимската работа во филмската и телевизиската индустрија.