Нагло се зголеми бројот на упади на дронови во Европа

Нагло расте бројот на упади на дронови во Европа. Од Полска до Шпанија, повеќе држави затвораат аеродроми и алармираат за хибридна војна што ја сее Русија.

Бројот на упади на дронови и нарушувања на воздушниот простор на европските земји членки на НАТО нагло се зголеми од септември, кога повеќе од 20 руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор, а три руски воени авиони накратко го прелетаа воздушниот простор на Естонија.

Од тогаш, многу дронови со непознато потекло предизвикале прекини на летови и операции во воздушниот простор низ цела Европа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги нарече овие инциденти облик на „хибридно војување“. Иако не ја обвини директно Русија за сите случаи, таа изјави дека целта на Москва е „да сее поделби во Европа“.

Белгија и Данска ги затворија аеродромите

Во Белгија, минатиот вторник аеродромите во Брисел и Лиеж беа привремено затворени откако беа забележани дронови. Поради тоа, летовите беа пренасочени, а некои откажани и следниот ден.
Белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен, потврди дека се истражуваат и набљудувања на дронови над воената база Клајне Брогел, како и над уште неколку воени објекти.

Во Данска, дронови во септември го нарушија сообраќајот на шест аеродроми, вклучително и во Копенхаген. Премиерката Мете Фредериксен го опиша настанот како „хибриден напад врз државата“.

Инциденти во Германија, Литванија и Полска

Германските аеродроми во Берлин и Бремен беа затворени поради забележани дронови, а локалните медиуми известуваат дека слични летови биле забележани и над воени бази низ земјата. Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн истражува можни случаи на шпионажа и саботажа.

Литванија кон крајот на октомври привремено ја затвори аеродромата во Вилнус и граничните премини со Белорусија, откако во нејзиниот воздушен простор влегоа објекти за кои се верува дека се балони со хелиум. НАТО претходно реагираше и на влезот на два руски воени авиони во литванскиот воздушен простор.

Во Полска, повеќе од 20 руски дронови влегоа во воздушниот простор на земјата во ноќта меѓу 9 и 10 септември. НАТО тогаш распореди борбени авиони F-35 и F-16, хеликоптери и системи за противвоздушна одбрана Patriot. Кон крајот на октомври, полски MiG-29 пресретна руски извидувачки авион над Балтичкото Море.

Проширување на заканата кон северот и југот на Европа

Во Естонија, три руски воени авиони на 19 септември престојувале во воздушниот простор на земјата околу 12 минути, пред да бидат пресретнати од италијански борбени авиони на НАТО.

Во Норвешка, на 6 октомври беше прекинато слетувањето на аеродромот во Осло поради пријава за дрон, додека во Романија истиот месец беше подигната воената авијација поради дрон што ја преминал границата за време на руски напад врз Украина.

Во Шпанија, на 20 октомври привремено беа суспендирани сите воздушни операции на аеродромот во Палма де Мајорка откако беа забележани дронови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни