Во утринските часови од денешниот ден, Македонија е зафатена од нагло и изразено заладување поради продор на ладна воздушна маса од север. Врнежите од снег и снежната покривка постепено се прошируваат, особено во западните предели од земјава, додека снежната граница забрзано се спушта.
Во следните часови, на повеќе места врнежите од дожд ќе преминуваат во снег. Во западните предели се очекува формирање на снежна покривка, поизразена на повисоките населени и планински места, каде што висината ќе изнесува од 10 до 15 сантиметри, а локално и над 20 сантиметри.
И во градските средини локално ќе се формира снежна покривка со висина од 5 до 10 сантиметри. Ќе дува засилен до повремено силен ветер од западен и северозападен правец, а подоцна од север, кој локално ќе достигнува брзина над 60 километри на час.
Во Скопје и околината се очекуваат послаби врнежи од снег, проследени со повремено засилен северен и северозападен ветер. Дневните температури денес ќе се движат во интервал од 0 до 7 степени, додека во Скопје максималната температура ќе достигне околу 3 до 4 степени.
На повисоките населени и планински места температурите ќе останат под нулата и во текот на денот.
