Нафтовод од времето на Тито повторно во фокус: може да стане клучна рута за снабдување на Европа

Геополитичките промени повторно го актуелизираат нафтоводот Адрија. Овој енергетски проект од времето на Југославија би можел да стане важна рута за снабдување на Европа со нафта.

Идејата за изградба на нафтоводот Адрија, денес познат како Јадрански нафтовод (ЈАНАФ), потекнува од шеесеттите години на минатиот век кога југословенското раководство планирало преку терминалот Омишалј на Јадранското Море да создаде важен енергетски центар за снабдување на централна Европа со нафта.

Планот предвидувал Југославија да стане транзитна точка меѓу Истокот и Западот, со значајни приходи од транзитни такси и силно политичко влијание преку енергетиката. Нафтоводот требало да има два правци – северен крак кон Унгарија и Словачка, а источен кон рафинериите во Нови Сад и Панчево.

По долгогодишни преговори и политички несогласувања, проектот бил завршен дури кон крајот на осумдесеттите години. Изградени се северниот крак кон Унгарија и Словачка и источниот крак кон Србија, додека планираниот правец кон Австрија никогаш не бил реализиран.

Со распадот на Југославија и војните во деведесеттите, северниот дел од нафтоводот останал недоволно искористен, бидејќи земјите од регионот продолжиле главно да се снабдуваат со руска нафта преку нафтоводот Дружба.

Денес, повеќе од шест децении подоцна, промените во геополитиката повторно го ставаат нафтоводот Адрија во центарот на вниманието. Европската унија се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, а дополнителен притисок создаде и неодамнешното оштетување на нафтоводот Дружба, поради што Унгарија и Словачка се соочуваат со проблеми во снабдувањето.

Поради тоа, северниот крак на Адрија повторно добива стратегиско значење. Нафтата од Блискиот Исток, Казахстан, Азербејџан, САД и Северна Африка веќе пристигнува со танкери до хрватското пристаниште Омишалј, од каде може да се транспортира кон централна Европа.

Нафтоводот во моментов снабдува неколку важни рафинерии во регионот, меѓу кои се оние во Унгарија, Словачка, Хрватска и Србија. Постојат и можности за зголемување на транспортниот капацитет кон север, што би ја претворило Хрватска во важен енергетски транзитен центар, а земјите од регионот би добиле поголем избор на извори на нафта.

Во меѓувреме, компаниите МОЛ и ЈАНАФ имаат несогласувања околу реалниот капацитет на нафтоводот. Според проценките во Хрватска, капацитетот се движи меѓу 11 и 15 милиони тони годишно, додека од МОЛ тврдат дека досега никогаш не биле транспортирани повеќе од 2,2 милиони тони.

Поради тоа се планира серија долгорочни тестирања на капацитетот на нафтоводот кои ќе траат околу десет месеци. Во тестовите ќе се испитува ефикасноста на транспортот во различни услови, како и функционирањето на целиот логистички систем, вклучувајќи го пристаништето, истоварот и мешањето на различни видови сурова нафта.

Во процесот ќе учествуваат и меѓународни експерти, а резултатите од тестирањата се очекува да дадат појасна слика дали нафтоводот Адрија може да стане една од клучните енергетски рути во Европа во следната деценија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни