Нафтената криза предизвикана од војната со Иран веќе не се чувствува само на берзите и бензинските пумпи, туку и во секојдневниот живот на луѓето низ светот. Откако затворањето на Ормускиот теснец го наруши снабдувањето со нафта и течен гас, владите почнаа да воведуваат мерки за штедење, ограничување на потрошувачката и намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и компаниите.
Меѓународната агенција за енергија веќе повика на помалку летање и побавно возење, а дел од земјите го следат токму тој правец. Во некои држави се намалуваат даноците на горивото, во други се воведуваат директни парични помошти, а некаде се оди и чекор подалеку, со мерки што директно го менуваат ритамот на секојдневието.
Во Азија, каде кризата е меѓу најсилно почувствуваните, Шри Ланка воведе рационализација на горивото и четиридневна работна недела. Виетнам ги повика работодавците да им дозволат на вработените да работат од дома, додека во Тајланд властите апелираат на помалку користење климатизери, повеќе јавен превоз и споделено возење. Тамошната влада дури им наложи на службениците да носат кошули со кратки ракави без вратоврски, а температурата во државните канцеларии е подигната за да се троши помалку струја.
Европа реагира со мешавина од штедење и заштита на потрошувачите. Европската комисија повикува на побрза транзиција кон домашни обновливи извори, но во меѓувреме некои земји воведуваат субвенции за гориво и даночни олеснувања за да го ублажат ценовниот шок. Словенија веќе почна со рационализација на горивото, а Литванија ги преполови цените на билетите за домашните возови во следните два месеци.
Во Австралија е преполовена акцизата на горивото за три месеци, а Нов Зеланд најави неделни исплати за речиси 150.000 семејства како дел од пакет за олеснување на ударот. Велика Британија засега се држи до ограничена финансиска помош за најранливите, без пошироки субвенции, додека Канада не интервенира директно во цените.
Во Африка и Јужна Америка, пак, кризата отвори старо прашање: колку долго економиите можат да го издржат растот на цените на енергенсите. Јужна Африка го намали данокот на гориво за еден месец, Етиопија воведе специјална субвенција, а Танзанија постави нова горна граница за цената на бензинот. Во Чиле, новата влада ги зголеми цените на горивата за да ги усогласи со глобалниот пазар, но паралелно ги замрзна цените на јавниот превоз до крајот на годината.
Кризата веќе ја враќа и најзагадувачката опција на маса. Во неколку азиски земји повторно се засилува користењето јаглен за да се надомести недостигот од гас, што покажува колку брзо геополитичките судири можат да ја оттурнат енергетската транзиција и повторно да ги вратат владите на краткорочни, но штетни решенија.
Она што до вчера изгледаше како изолирана воена криза, денес веќе има глобални последици. Од дома, од бензинската пумпа, од канцелариите и фабриките, светот почнува да ја плаќа цената на една војна што ја разниша енергијата, транспортот и секојдневието на пет континенти.