Нафтен шок од Блискиот Исток: Меѓународната агенција за енергија со10 итни совети како да заштедите гориво додека цените растат

Глобалната енергетска криза ја тресе економијата – ИЕА објави 10 мерки за штедење гориво што веќе ги применуваат држави ширум светот.

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика сериозен шок на глобалниот пазар на енергенси, а последиците веќе се чувствуваат ширум светот. Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), станува збор за едно од најголемите нарушувања во снабдувањето со нафта во поновата историја.

Цените на нафтата и гасот нагло осцилираат, а сметките за енергија растат. Главна причина за нестабилноста е ситуацијата во Ормутскиот теснец, клучна рута низ која минуваат околу 20% од глобалните залихи на нафта. Нападите врз комерцијални бродови дополнително го зголемија ризикот и неизвесноста на пазарите.

Како одговор на кризата, ИЕА објави листа од 10 итни препораки за намалување на потрошувачката на гориво – мерки што веќе се применуваат во многу земји.

Меѓу клучните препораки се работа од дома, користење јавен превоз, споделување автомобили и намалување на брзината на автопатите за најмалку 10 км/ч. Исто така, се предлага ограничување на непотребните патувања и избегнување на авионски летови кога постојат алтернативи.

Дел од државите веќе преземаат драстични чекори. Во Пакистан, училиштата беа затворени на две недели, а јавниот сектор премина на четиридневна работна недела и работа од далечина. Во Бангладеш, универзитетите беа затворени порано за да се намали транспортот и потрошувачката на гориво.

Во Тајланд, владата им препорача на службениците да користат скали наместо лифтови, да ја намалат употребата на клима-уреди и да носат полесна облека. Виетнам, пак, ги повика компаниите да воведат работа од дома каде што е можно.

Енергетската криза сериозно го погоди и авио-сообраќајот. Поради затворени воздушни простори и повисоки цени на горивото, летовите се пренасочуваат и траат подолго. Австралиската компанија „Квантас“ мораше да го пренасочи летот од Перт до Лондон со дополнително застанување во Сингапур, што го продолжува патувањето за неколку часа.

Се очекува цените на авионските билети да продолжат да растат, дури и ако конфликтот се смири.

Во меѓувреме, растечките цени на горивото предизвикаа панично купување во некои земји. Во Австралија, дел од бензинските пумпи останаа без гориво, што доведе до ограничувања по клиент. Владата дури ги олабави стандардите за квалитет на горивото, дозволувајќи употреба на гориво со повисока содржина на сулфур.

Кризата има сериозно влијание и врз прехранбените системи. Во Египет, владата воведе контрола на цените на лебот поради страв од инфлација. Цената на житото драстично порасна, а растечките трошоци за гориво директно влијаат врз производството и транспортот на храна.

Дополнителен проблем е зависноста од природниот гас во производството на ѓубрива, што ја прави земјоделската индустрија уште поранлива на енергетски шокови.

ИЕА предлага и пренасочување на течниот нафтен гас кон основни потреби како готвење, како и поттикнување на електрични алтернативи за домаќинствата.

Пораката од експертите е јасна: зависноста од фосилни горива ги прави економиите ранливи на геополитички кризи. Според меѓународните институции, долгорочното решение лежи во намалување на зависноста и забрзување на транзицијата кон обновливи извори на енергија.

До тогаш, штедењето гориво не е само препорака, туку неопходност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни